Како да пресметате колку чаши вода треба да пиете секој ден?
Сигурно сте слушнале дека треба да пиете 8 чаши вода дневно за да можат да се одвиваат сите процеси во вашиот организам. Сепак, овој број не е целосно точен, а во продолжение ќе прочитате како да пресметате колку вода треба да пиете дневно.
Како настанал митот за „8 чаши вода на ден“?
Сите органи се состојат од вода: срцето и мозокот се 73% вода, а белите дробови се 83% вода. Мислењето дека треба да пиете 8 чаши вода дневно за да ги хидрирате овие органи и целото тело е доста популарно.
Сепак, овие 8 чаши, за кои толку често слушате, не се правило, туку предлог од среден опсег. Овој предлог најверојатно стана популарен бидејќи се смета како златна средина за секого. Всушност, на вашето тело може да му треба повеќе или помалку вода.
Фактори кои влијаат на количината вода што му треба на организмот
Пол и возраст: На различна возраст, телото содржи различна количина вода и му треба различно количество за да биде хидрирано. Исто така, полот влијае на количината вода во телото.
Тежина: Истражувањата откриваат дека возрасните со поголем индекс на телесна маса имаат поголема веројатност да бидат дехидрирани. Покрај тоа што ве одржува хидрирани, водата може да ви помогне и да изгубите тежина.
Животна средина: Ако живеете во топли предели, очигледно ви треба повеќе вода. Ако живеете во близина на море или океан каде што влажноста е поголема, на вашиот организам ќе му биде потребно помало количество вода.
Вежбање: Ако сте спортист или ако вежбате редовно, ќе се потите многу повеќе и треба да ги надополните изгубените течности.
Исто така, не треба да се заборават некои посебни услови, како што се:
Бременост и доење: За време на бременоста, истражувањата сугерираат дека жените треба да пијат повеќе вода од вообичаеното.
Општа здравствена состојба: Ако имате треска или дијареја, телото губи вода побрзо од вообичаеното. Важно е да пиете вода за да ја спречите дехидратацијата.
Како да пресметате колкава количина вода му треба на вашиот организам?
Има формула што ќе ви помогне да ја пресметате количината вода што му треба на вашето тело:
Количината вода во литри што треба да ја пиете дневно е еднаква на вашата тежина во килограми помножена со 0,033.
Откако ќе ја пресметате количината, можете да направите распоред што ќе ви помогне да запомните да пиете онолку вода колку што ви треба. На пример, подобро е да го започнете денот со 1 или 2 чаши вода на празен стомак. Водата што ја пиете наутро го зголемува нивото на енергија и го забрзува метаболизмот, па така, ќе ви помогне да бидете расположени во текот на целиот ден.
Забелешка: Како што беше споменато погоре, различните услови може да влијаат на овие податоци, па затоа е важно да слушате што ви кажува вашето тело.
Производи што може да ја заменат водата
Иако експертите препорачуваат да се пие чиста вода со цел да се внесе потребната количина течности во организмот, некои луѓе не можат да пијат толку многу вода во текот на денот.
Сепак, можете да замените дел од внесот на вода преку овошјето и зеленчукот кои содржат многу вода. Лубеницата, портокалите и краставиците се состојат од повеќе од 80% вода. Исто така, супите и пијалаците, како кафе или чај, може да заменат неколку чаши вода.
Погледнете ја оваа диета со течности која нема да ве изгладнува.