Се сеќавате колку долго траеше летниот распуст кога бевте дете? Три месеци изгледаа како цела вечност.
Денес, пак, една година поминува речиси незабележано. Само што ја поздравивме новата година, а веќе е крај на ноември.
Ова чувство го има речиси секој, а научниците имаат неколку објаснувања.
Една година е сè помал дел од животот
Најпознатото објаснување е едноставна математика. За дете од пет години, една година е петтина од целиот живот. За човек од 50 години, таа е само педесеттина.
Затоа, колку сме постари, толку секоја нова година ни изгледа пократка во однос на сè што сме доживеале.
Помалку нови доживувања
Мозокот подобро ги памети новите и необичните работи. Детството е полно со „први пати“ – прв ден на училиште, прво море, прв снег.
Возрасните живеат во рутина: работа, дом, обврски. Деновите се слични еден на друг, па мозокот ги „спојува“ во сеќавањето. Кога ќе погледнеме наназад, ни се чини дека немало многу, па и времето изгледа пократко.
Парадоксот на одморот
Психолозите го опишуваат и таканаречениот „парадокс на одморот“. Додека сме на патување, деновите летаат. Но, кога ќе се вратиме, тие неколку дена ни изгледаат долги, бидејќи се полни со нови сеќавања.
Може ли да се „забави“ времето?
Делумно – да. Научниците советуваат што почесто да внесуваме нешто ново: ново место, ново хоби, нов пат до работа, нови луѓе.
Колку повеќе различни сеќавања имаме, толку годината ќе ни изгледа подолга и пополна.






