Запознајте ја Карен Оверхил, жената во чија глава „живеат“ 17 луѓе

Запознајте ја Карен Оверхил, жената во чија глава „живеат“ 17 луѓе

На 29-годишна возраст, Карен Оверхил (псевдоним) отишла кај психијатар со надеж дека ќе најде решение за нејзините дупки во сеќавањето. После неколку посети, психијатарот можел да ѝ даде дијагноза. Карен имала едно од најчудните ментални заболувања: синдром на повеќекратна личност, и тоа со 17 различни личности кои „живееле“ во нејзината глава. Во годините кога почнала со лекување, таа станала еден од најпознатите и најчудните медицински случаи. Биографијата на Карен е полна со трагедија, ужас и најважно – надеж.

zapoznajte-ja-karen-overhil-zhenata-v-koja-zhiveat-17-lichnosti-kafepauza.mk

Потребни биле 3 години за да се идентификува нејзината болест

Баер, психијатарот на Карен, верувал дека таа била мајка со депресија на која ѝ биле потребни лекови. Но, неговото мислење почнало да се менува откако таа му открила неколку работи кои биле чудни. На пример, таа му кажала на Баер дека изгубила свест 3 пати на нејзината свадба. Постоеле и повеќе ситуации во кои таа не можела да одговори што правела претходниот ден. Сепак, на Баер му требало многу време да ја постави дијагнозата, и тоа не поради недостиг на стручност. Тој сакал да биде целосно сигурен дека станува збор за синдром на повеќекратна личност пред да преземе какви било мерки.

Таткото и дедото на Карен воделе култ кој мачел деца

Според Карен, таа била само една од жртвите на садистички култ кој го започнале татко ѝ и дедо ѝ. Според неа, низ 1960-тите, нејзиниот татко собирал разни мажи (вклучувајќи полицаец, учител и свештеник) кои активно учествувале во култот. Доктор Баер им објаснил на новинарите дека играњето детектив нема да ѝ помогне на Карен, но кога почнал да ги истражува нејзините тврдења, тој открил неколку приказни кои се поклопувале со нејзината. Во 1993 година нејзиниот татко конечно бил обвинет.

Внатрешното дете на Карен испратило писмо до Баер барајќи помош

Штом Баер почнал да се уверува во проблемот на Карен, тие двајцата почнале да го истражуваат нарушувањето. На почетокот Карен не била сигурна, но после неколку месеци кога пристигнала на неделниот преглед, открила дека Баер добил писмо:

„Драг доктор Баер, моето име е Клер. Имам 7 години. Живеам во Карен. Те слушам постојано. Сакам да разговарам со тебе, но не знам како.“

Карен рекла дека инстинктивно знаела дека таа го напишала писмото, и покрај тоа што ракописот и начинот на пишување биле целосно различни од нејзините и одговарале на 7-годишно дете.

Личностите на Карен настанале како механизам за справување со трауматични настани

Кога имала 12 години, Карен била сексуално нападната од еден роднина. Како резултат на тој напад, се „родил“ Џенсен. Една од првите личности на Карен, Џенсен бил 11-годишно момче кое се борело против злоупотребувањето и си ги стегало градите за да изгледа повеќе како машко. Џенсен е само еден од 17-те личности кои се појавиле во Карен и кои ѝ помагале да се справи со насилството кое го трпела во текот на детството.

Нејзините личности биле многу различни една од друга

Кога почнала да ги забележува личностите кои живееле во неа, Карен открила 11 личности. Покрај Џенсен и Клер, постоеле уште 3 деца кои биле помлади од 10 години.

„Две тинејџерки (Џули и Сенди), 21-годишна девојка, маж и жена од 34 години (Холдон и Кетрин) и уште еден многу бесен маж.“

Биле потребни уште неколку години терапија за да се откријат останатите 6 личности. Како што излегувале на површина, секоја личност откривала многу различни карактери. Тие имале различна возраст и биле од различна раса. Некои биле деснаци, а некои леваци. Секоја личност имала свои манири и различен начин на одење.

Различните личности ја штителе од физичка болка

Со ова нарушување Карен имала способност која некогаш ѝ била од корист, но некогаш била опасна по живот. Нејзиниот ум бил толку добро поделен што физичката болка која ја чувствувала една личност, не била чувствувана од другите. Или со нејзини зборови:

„Ако имам лоша главоболка, таа едноставно поминуваше без лекарства. Но, ова понекогаш предизвикуваше проблеми бидејќи болката е и заштита. Еднаш работев целиот ден кога всушност ми требаше операција на слепото црево.“

Таа не се сеќава дека се омажила за нејзиниот сопруг

Животот на Карен бил полн со дупки во сеќавањето кои едноставно не може да ги пополни. Понекогаш станувало збор за мали работи, како на пример поглавје од книга кое го прочитала. Понекогаш се „будела“ на чудни места. Според Карен, таа не се сеќава на нејзината свадба. Исто така не може да се сети на речиси ништо кога била помеѓу 6 и 10 години.

Баер мислел дека Карен е само жена во депресија

Кога Карен прв пат се појавила во канцеларијата на Баер, тој само што излегол од медицинското училиште и мислел дека нејзините проблеми не се ништо необично. Тој изјавил:

„Таа имаше болки кои беа резултат на нејзиниот пораѓај со царски рез. Луѓето кои имаат хронични болки многу често имаат и депресија. Знаев дека нејзината депресија е сериозна и тоа беше првото нешто со коешто требаше да се справиме. Мислев дека е само обична жена со депресија на која ѝ се потребни лекови. Очигледно многу сум погрешил.“

Одговори за личностите на Карен се добивале преку „испрашување“

Во 1996 година, доктор Баер добил порака од Холден, една од личностите на Карен. Холден бил 34-годишен маж чија задача била да ја заштити групата. Тој имал план кој го нарекол „испрашување.“ Во текот на една сеанса, Карен била подложена на хипноза за да запознае една од нејзините личности – 13-годишното девојче кое се викало Џули. За време на процесот, Џули „влегла“ во телото на Карен, а ова предизвикало болно будење на многу сеќавања и вештини кои претходно ѝ биле недостапни на Карен.

Погледнете и кои се најчудните психолошки нарушувања и синдроми.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар