Подготовките за големиот солистички концерт на Тамара Тодевска, „25 години љубов“, влегуваат во завршна фаза. Концертот ќе се одржи на 7 декември во Т-Арена, во спортскиот центар „Борис Трајковски“.
Пробите се сè поинтензивни, а музичкиот тим секој ден работи на репертоарот и на аранжманите за големата вечер.

„Ова е само почетокот“
По првите заеднички проби со бендот, Тамара не го крие задоволството од тоа како звучат песните што ќе бидат дел од концертот.
„Периодов речиси целото мое секојдневие е посветено на концертот. Пробите се сè поинтензивни, но искрено уживам во целиот процес. Многу сум задоволна од тоа како звучиме со бендот, од енергијата што ја имаме и од новите аранжмани на песните. А ова е само почетокот, бидејќи наскоро ќе ни се придружи и големиот оркестар. Едвај чекам да слушнам како сето тоа ќе звучи заедно“, вели Тамара.
На сцената на 7 декември ќе настапат повеќе од 40 музичари и хор, а музичката продукција е под водство на Емин Џијан.

Хитови од 25 години и „Кукла жива“
Публиката ќе ги слушне најголемите хитови од 25-годишната кариера на Тамара, песни што одбележаа повеќе генерации. Ќе има и материјал од нејзиниот нов проект „Кукла жива“, првиот македонски визуелен албум.
„Сакам луѓето што ќе дојдат на концертот да почувствуваат нешто поинакво. Не подготвуваме само вечер во која ќе ги отпееме познатите песни, туку целосно музичко и сценско доживување. Овие 25 години ми донесоа многу убави моменти, предизвици и важни лекции, а на 7 декември сакам сето тоа да го споделам со мојата публика. Да пееме заедно, да се потсетиме на некои убави времиња и да создадеме нови спомени“, додава Тамара.

Музичко патување низ кариерата
Концертот „25 години љубов“ ќе биде музичко патување низ различните периоди од нејзината кариера, со нови аранжмани, богата музичка продукција и изненадувања за публиката.

Карти за концертот можете да набавите на овој линк.






