10 модни правила кои смеете да ги прекршите
Автор: Д.Џ.
Секој од нас има слушнато барем неколку стари модни правила, најголемиот број од нив кажани од нашите мајки или баби кога носиме нешто необично или нешто што нив не им се допаѓа. Многу често, колку и да ви се допаѓала вашата комбинација од парчиња, овие модни правила успевале да ве премислат. Со времето и развивањето на модата на светско ниво, многу од овие модни-закони полека паѓаат во вода. Време е овие стари модни закони да ги оставиме зад нас и да експериментираме надвор од некои поставени граници.
Овие се неколку модни правила кои ви е „дозволено“ (и ве охрабруваме) да ги прекршите:
.
1. Никогаш не носете бело во зима
Дефинитивно едно од модните правила кое секој од нас го слушнал мал милион пати, а некои и сѐ уште се држат до него. Белата боја е прекрасна, не само за летните фустанчиња и маички! Без разлика дали станува збор за бело капутче, џемпер или чизми, белите парчиња ќе го освежат вашиот изглед во сивите есенски и зимски денови.
.
2. Чевлите треба секогаш да одговараат со чантата
Се разбира дека вашите чевли и чанта треба да одговараат со останатите парчиња од вашата комбинација, но никој не вели дека тие треба да одговараат едно со друго! Во последно време се почесто среќаваме комбинации во кои чевлите се искомбинирани со накитот, лакот на ноктите или друго парче од изгледот. Ако се ограничиме, нашите чевли секогаш да одговараат со чантата која ја носиме, тоа ќе не остави со многу помалку можни комбинации кои може да ги направиме, а и скоро е невозможно чантата и чевлите толку многу да се погодат едно со друго!
.
3. Никогаш не носете црна боја со тегет или кафено
Сигурно веќе сте забележале дека последниве 2-3 години луѓето околу вас сѐ почесто ги комбинираат овие бои меѓусебно. Нашите мајки (и не само тие) уште не можат да поверуваат дека најголемото модно правило секојдневно се прекршува. И јас на почетокот бев скептична во врска со ваквите комбинации, но кога самите ќе испробате ќе заклучите дека светлите нијанси на кафена боја (светло кафени чизми и каиш многу интересно одговараат со црни пантолони или здолништа) и некои нијанси на тегет (на пример – индиго) многу интересно одговараат со црната боја.
.
4. Никогаш не носете црвено ако сте црвенокоси
Сосема неточно! Можеби треба црвенокосите да посветат повеќе време во изборот на вистинската нијанса, но не е точно дека воопшто не треба да носат црвено!
.
5. Не комбинирајте накит од различни метали
Зашто да се ограничиме само на златен или на сребрен накит, кога може интересно да се искомбинираат различните метали, па и разни други материјали? Доколку се внимава и убаво се замисли, комбинирањето на накитот од различни материјали (дрвен, метален…) може да изгледа необично и да и даде дополнителен, необичен шмек на секоја комбинација!
.
6. Никогаш не носете хулахопки со чевли со отворени прсти
Прекршувањето на ова правило бара многу внимание за да изгледа убаво. Комбинирањето на чевлите со отворени прсти и хулахопките треба да се направи внимателно. Особено треба да се внимава на изборот на хулахопки/чорапи.
.
7. Не носете превртена кожа или кожа во лето
Штета е да не можеме нашите омилени кожни чанти да ги носиме и во летните месеци. Но, не само чантите – тука спаѓаат и кожните јакни кои се одлични во комбинација со летните фустанчиња (во оние постудените летни вечери)!
.
8. Никогаш не комбинирајте различни шари
Колку досадно правило! Токму затоа и се почесто се прекршува! Комбинирањето на различни дезени (се разбира, не секакви, и треба да се внимава) е многу интересен начин вашата комбинација да биде малку необична и интересна. Тука спаѓаат сите комбинации на карирани шари, линии и други.
.
9. Никогаш не комбинирајте тексас со тексас
Оваа сезона многу се модерни тексас кошулите, кои во поголемиот дел од случаите се комбинирани со тексас фармерки! Внимавајте само на боите, не секој тексас одговара со некој друг! Обично тоа се комбинации на светли тексас кошули/јакни со фармерки од потемен тексас (и обратно).
.
10. Секоја боја во вашата комбинација треба да одговара една со друга
Наједноставен начин обичната комбинација на облека (бои кои меѓусебно се претопуваат) да стане необична, е да додадете едно парче кое ќе се издвојува. Без разлика дали е тоа накит во интересна, упадлива форма или боја, или пак чевли, чанта, венче…
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
odlicno. znam da spletam onakov sal,stvarno:)
jas licno ne se slozuvam voopsto ne sum staromodna, no CRNO stvarno ne odi so teget ili kafeavo, ne znam zosto site ja nosat taa kombinacija…
Ја носат затоа што одговара. посебно црно со кафеаво.
Ако можи статијава да се постира по еднаш неделно! Се надевам дека ќе спасиме некои “модни” самоубиства 😀
odlicna statija