Пердувната јакна е една од најтоплите зимски облеки, но многумина се плашат да ја перат дома. И со право – по погрешно перење, пердувот се собира во грутки, а јакната станува тенка и студена.
Добрата вест е дека повеќето пердувни јакни можат да се перат во машина, ако внимавате на неколку работи.
Пред перењето
Прво проверете ја етикетата. Ако пишува „само хемиско чистење“, не ризикувајте.
Затворете ги сите патенти и копчиња, испразнете ги џебовите и свртете ја јакната наопаку. Ако има крзно што се вади, тргнете го.
Перење
- изберете програма за волна или за деликатни алишта
- температура до 30 степени
- користете течен детергент за пердув или благ течен детергент, во помала количина
- никако омекнувач – тој го лепи пердувот
- вклучете дополнително плакнење
- центрифугата нека биде на ниски вртежи
Сушењето е најважно
Тука најчесто се греши. Ако јакната се суши обесена, пердувот се собира долу и се згрутчува.
Најдобро е да ја сушите во машина за сушење, на ниска температура, заедно со две-три тениски топчиња. Тие го удираат пердувот и го враќаат во првобитна форма.
Ако немате машина за сушење, ставете ја јакната да се суши хоризонтално, на сушалка. На секој час-два истресете ја и со рацете раздвојте ги грутките.
Сушењето може да трае и цел ден. Не ја облекувајте и не ја оставајте во ормар додека не е целосно сува, за да не добие непријатен мирис.






