Триесет дена, четири земји, дванаесет градови и безброј „WOW“ моменти. Симона Стојчевска заедно со Боби ја прошета Јужна Америка, од водопадите Игуасу и пустината Атакама, преку бескрајната солена пустина Ујуни и озлогласениот Пат на смртта, па сè до Мачу Пикчу.
Во интервју за Кафе пауза, Симона раскажа што ги инспирираше да тргнат на другиот крај на светот, која земја ги освои најмногу, колку безбедно се чувствувале и зошто после 30 дена сфатиле дека тоа не им е доволно.

Што ве инспирираше да ја изберете токму Јужна Америка како дестинација?
Дефинитивно културата, храната и желбата да доживееме нешто тотално различно од Европа. Сакавме патување со поинаква енергија, нови вкусови, неверојатна природа и места што досега сме ги гледале само на фотографии. И можам да кажам дека Јужна Америка дефинитивно ги исполни очекувањата.
Колку дена траеше патувањето, кои земји и градови ги посетивте и кој најмногу ви остави впечаток?
Патувањето траеше 30 дена и посетивме четири земји – Аргентина, Чиле, Боливија и Перу.
Во Аргентина ги посетивме Буенос Аирес, Пуерто Игуасу и Мендоза, во Чиле – Сан Педро де Атакама, Валпараисо и Сантијаго, во Боливија – Ујуни, Копакабана и Ла Паз, а во Перу – Куско, Агуас Калиентес и Лима.

Секоја земја беше посебна на свој начин. Аргентина нè освои со атмосферата и храната, Чиле со природата, Перу со историјата и гастрономијата, но ако морам да издвојам една земја, Боливија ни остави најсилен впечаток со уникатноста.

Што ве изненади кај секојдневниот живот на луѓето таму?
Искрено, нивната позитивност и способноста да бидат среќни со многу малку. Особено во Боливија гледате луѓе кои реално немаат многу материјално, а сепак се насмеани, гостопримливи и задоволни. Тоа навистина те тера малку да се преиспиташ и повеќе да го цениш она што го имаш.
Колку однапред го планиравте патувањето и што би им препорачале на оние што сакаат да ја посетат Јужна Америка?
Целото патување го планиравме околу два месеци. 😄
Би препорачала да користат платформи како Viator за локални тури, бидејќи многу го олеснуваат организирањето, особено кога менувате повеќе градови и држави. Задолжително да си обезбедат интернет каде и да одат, да пробуваат локална храна и да не се плашат премногу од начинот на кој Јужна Америка понекогаш е претставена како небезбедна дестинација.

Ние лично се чувствувавме многу безбедно во текот на целото патување – на моменти и побезбедно отколку во некои европски градови. 😄 Секако, како и на секое патување, треба да внимавате каде се движите и да ги следите препораките од локалните водичи.
Како изгледаше еден ваш типичен ден на патувањето?
Зависеше од тоа каде бевме и дали тој ден работевме. Кога бевме слободни, станувавме, се спремавме, одевме на појадок, па следуваше тура или разгледување на некоја локација, ручек, повторно некоја активност и вечера. Деновите ни беа прилично исполнети.
Кога работевме, првиот дел од денот беше резервиран за работа, а потоа буквално го користевме секој слободен час за тури, прошетки и истражување. Се трудевме максимално да го искористиме секој ден.

На следната страница: местата што мора да се видат и авантурата на Патот на смртта →







