Килибарна соба: Каде се наоѓа денес осмото светско чудо?
Легендарната килибарна соба честопати се нарекува и „осмо светско чудо“ и се сметала за најубавото уметничко дело во Русија сè додека не била ограбена од нацистите. Во продолжение прочитајте повеќе за историјата на оваа мистериозна соба.
Килибарната соба била неколкупати преместена сè додека не „исчезнала“ за време на Втората светска војна. Советските власти во неколку наврати се обиделе да ја решат мистеријата за нејзиното исчезнување, но денес постојат само шпекулации и разноразни теории.
Првично, собата била дизајнирана од страна на скулпторот Андреас Шлутер за потребите на палатата Шарлотенбург во Берлин. Сепак, како сплет на околности, собата била сместена во градската палата на Берлин.
Според историските извори, во 1716 година за време на државната посета, Петар Велики бил толку маѓепсан од убавината на килибарната соба што Фредерик Вилијам I решил да ја подари собата на руската империја и на тој начин дополнително да го зацврсти сојузот.
Во текот на следните десет години, килибарната соба била реконструирана и сместена во летниот дворец на Катерина Велика. Собата била декорирана со околу 6 тони килибар, а било предвидено целата да биде покриена со огледала и садовите за јадење да бидат направени од килибар.
Собата била изградена во барокен стил и била украсена со позлатени елементи, скапоцени камења и разноразни скулптури.
Со почетокот на германската инвазија на Советскиот Сојуз, многу уметнички дела биле под закана од грабеж. Првобитниот план за спасување предвидувал демонтирање и пренесување на собата во Ленинград, но бил неуспешен. Сепак, кустосите, плашејќи се дека собата ќе падне во рацете на непријателот, одлучиле да ја покријат собата со обични тапети.
Од друга страна, Адолф Хитлер сметал дека собата со германско потекло мора да биде пронајдена и вратена во нејзината татковина. За таа цел, тој испратил цел одред војници во палатата на Катерина Велика чија задача била да ја пронајдат килибарната соба.
На војниците не им требало многу време да ја пронајдат, па така, во следните две години, собата била преместена во замокот Кенизберг во денешен Калининград. Но, со оглед на понатамошните случувања за време на војната и напредокот на Советскиот Сојуз, Хитлер не сакал да ризикува и дал наредба за преместување на собата.
Од тој момент се губи секоја трага на килибарната соба.
Според многумина историчари, собата била најверојатно уништена за време на настаните од 1944 година кога палатата Кенизберг била бомбардирана. Во еден од извештаите се наведува дека во една од собите во подрумот биле откриени четири мозаици од кои три биле целосно изгорени и уништени. Според други докази, пак, се смета дека собата се наоѓа на дното на Балтичкото Море. Во моментов, мистеријата на килибарната соба сè уште не е решена.
Советската влада во 1979 година решила да направи реконструкција на килибарната соба врз основа на фотографии од оригиналната. Биле потребни околу 24 години да се реконструира легендарното уметничко дело.
Откако прочитавте за историјата на килибарната соба, можеби ќе сакате да прочитате и за 9-те најубави тврдини во Русија.
Извор: nationalgeographic.rs