Срцепарателно видео на едно момче кое било малтретирано од соучениците го освои целиот свет
Неодамна се појави видео на кое младо момче зборува за малтретирањето кое го трпи на училиште. Видеото брзо се прослави, а момчето доби поддршка од милиони луѓе низ целиот свет. Некои луѓе кои го поддржале момчето ѝ се добро познати на јавноста, но дали овие коментари помагаат или само промовираат делење?
Момчето по име Китон Џоунс било снимено од својата мајка. Во емоционалното видео тоа изјавува:
„Само од љубопитност, зошто ме малтретираат? Која е целта на тоа?“
Ова е одлична примена на социјалните мрежи и луѓето би требало да им понудат помош на оние кои се очајни. Но понекогаш лесно е да се види крајниот резултат пред прво да се разбере вистинската причина за нечие однесување.
Кога едно дете малтретира друго, тоа е најчесто резултат на неговото страдање. Околностите во кои сте родени имаат големо влијание на начинот на однесување, особено кај луѓето кои малтретираат. Малтретирањето им е начин да се ослободат од притисокот кој го чувствуваат. Во реалноста, луѓето кои малтретираат се чувствуваат толку лошо за себе што единствен начин да избегаат од тоа е да им предизвикуваат болка на другите. Ова не е изговор или оправдување за нивното однесување, но единствената разлика помеѓу оние кои малтретираат, оние кои се неутрални и оние кои се жртви се околностите во кои се родени.
Кога ќе се земат предвид причините за тоа зошто ова момче е малтретирано, приказната се менува. Има нарација, која поддржана од многуте славни личности кои нудат помош, покажува дека постојат културни критериуми кои треба да ги исполнуваме. Ова значи дека ако не се совпаѓате со шаблонот поставен од општеството, станувате мета на малтретирање.
Иако коментарите се напишани со најдобра цел, некои од нив создаваат само поделба. Актерот Крис Еванс напишал:
„Биди силен, Китон. Не им дозволувај да те направат студен. Ти ветувам дека ќе стане подобро. Додека тие лоши деца од твоето училиште одлучуваат какви луѓе сакаат да бидат, дали би сакале ти и твојата мајка да дојдете на премиерата на „Одмазници“ (Avengers) следната година во Лос Анџелес?“
Марк Рафало напишал:
„Китон дали би сакал да гостуваш и на мојата премиера? Мислам дека си едно од најдобрите деца кои ги имам видено! Едвај чекам да те запознам. Заборави ги лошите деца. Еден ден ќе се чувствуваат навистина глупаво за ова.“
Проблемот со овие коментари е што повикуваат на поделба. Децата кои малтретираат во никој случај не треба да бидат оправдувани, но јавното понижување не е најдоброто решение. Некои од позитивните коментари кои се појавиле се следниве:
„Ова ми го скрши срцето. Ве молам бидете добри едни кон други.“ – Кејти Пери
„Млад човеку, јас сум ти пријател. Напиши ми порака за да го решиме ова. Љубовта е единствениот начин да се победи омразата.“ – Снуп Дог
„Китон, сакам да знаеш дека не си сам. Многу луѓе стануваат посилни од овие малтретирања, а и ти ќе бидеш еден од нив! Биди благословен.“ – Деми Ловато
Малтретирањето е реален проблем кој треба да се реши, а неверојатната храброст на Китон и неговата мајка помага да се подигне свесноста за ова. Но кое е трајното решение за овој проблем? Дали треба да се создаде околина која поттикнува поврзување или јавното срамење на овие деца е најдоброто решение? Зарем нема да биде подобро да се пронајде вистинската причина за однесувањето на децата кои малтретираат, да се реши тој проблем и еднаш засекогаш да се стави крај на малтретирањето кое го трпат многу деца низ целиот свет? Треба да му бидеме благодарни на Китон и неговата храброст која нè направи посвесни за постоењето на овој проблем. На нас останува да не дозволиме да се повтори.
Погледнете и како да ги научите вашите деца да го заштитат својот личен простор.