Кои се најпопуларните родителски трендови во 2016 година?
Можеби сте мајка која е запознаена со најновите трендови во модата и во културата или пак, сте татко кој до најмала ситница се разбира во технологијата? Но, дали сте знаеле дека постојат трендови и во родителството? Следуваат 5-те кои годинава се најактуелни меѓу родителите. Прочитајте ги и можеби ќе се инспирирате за промени во начинот на кој живеете…
1. Татковци на „породилно отсуство“
Сè повеќе расте бројот на татковци кои одлучуваат да останат дома и да ги чуваат своите деца, додека мајките набрзо по породувањето се враќаат на работа. Не е мал бројот на жени кои заработуваат повеќе од своите мажи, поради што одлучуваат да се вратат во својата канцеларија, а нивните сопрузи да останат дома за да се грижат за децата и семејството. Едно истражување од страна на центарот „Pew Research“ покажува дека речиси двојно е зголемен бројот на татковци од 1989 година, кои не работат надвор од својот дом и кои се грижат за своите најмали.
2. Дигитални календари и семејни распореди
Кажете им збогум на класичните хартиени распореди и календари кои висат на ѕид. Децата денес имаат голем број активности, како на училиште, така и надвор од него. Одат на часови по странски јазици, на музичко, на разни спортови… Тоа значи дека им треба добра организација на родителите за да можат секаде навремено да ги однесат своите најмили. Затоа, сè поголем е бројот на родители кои ги користат придобивките од модерната технологија и обврските ги заведуваат во дигитални календари и распореди, за да имаат поголема прегледност и да добиваат потсетување за задачите кои треба да ги завршат со нивните деца.
3. Стил на воспитување „трето дете“
Ова укажува на еден релаксиран однос кон вашето дете. Што значи тоа? Родителите, кога ќе го добијат своето прво бебе, вообичаено се многу загрижени за секоја ситница поврзана со новороденчето, додека за второто и третото дете веќе ги имаат потребните искуства и се однесуваат многу порелаксирано. Не се потресуваат на секое негово кивнување, закашлување или помала желба за храна, затоа што знаат дека тоа е нормален процес од растот и развојот на секое дете.
4. Хибридни имиња
Многу често се случува родителите да не можат да се договорат како ќе се вика нивното бебе, затоа што и двајцата имаат омилено име. Во поново време, многу родители решаваат да направат некаков хибрид од омилените имиња и на крај сите да бидат задоволни. Па така, на пример, од Калина и Јана, да се создаде името Каја.
5. Викенди без телефони, компјутери и интернет
Денешните деца немаат никаков проблем со користењето на модерната технологија. Но, многу често тоа знае да доведе до потешкотии, затоа што доколку родителите не им застанат на патот, тие со часови можат да седат пред шарените екрани и да ги гледаат своите омилени цртани или да ги играат омилените игри. Поради тоа, сè поголем е бројот на родители кои одлучуваат за време на викендите, да го исклучуваат пристапот до интернет на 24 или 48 часа. Така, членовите на семејството имаат повеќе време да си се посветат едни на други, а и децата се одмораат од паметните телефони и компјутерите.