Со кучето на пат без стрес: Сè што треба да знаете кога патувате со вашиот четвороножен пријател
Во многу случаи кучињата не се само пожелни, туку и најдобри сопатници. Навикнувањето на кучето на долго патување е само прашање на добра волја. Но, за тоа да го сака патувањето исто колку и вие, вам ви е потребна опрема којашто ќе му одговара. Пред да тргнете на пат, погрижете се да имате сè што ви треба за вашето куче да биде среќно и здраво, но тоа не значи да го нахраните со месо и слично. Имајте ги предвид овие неколку работи коишто морате да ги имате со себе кога патувате со куче.
1. Каиш, поводник и контакт информации на сопственикот. Лошо е ако кучето ви се изгуби далеку од домот, но полошо е ако се изгуби без никакви ознаки. За да ја избегнете оваа ситуација, имајте со себе поводник и каиш на којшто ќе ставите мал медалјон со своите податоци.
2. Храна, вода и чинија. Секогаш со себе носете двојни залихи на храна којашто ја сака вашето куче. Исто така не заборавајте ја и неговата омилена чинија, а и многу вода, за да ја задоволите жедта на својот најдобар пријател. Промената на храната при патувањето, кучето може да ја доживее како стресна ситуација, а ваквите ситуации подобро е да ги избегнувате.
3. Простирка и кесиња. Секогаш со себе носете простирка на којашто ќе спие вашето куче. На овој начин барем малку ќе го залажете да се чувствува како дома, а и ако стане постудено ќе имате со што да го загреете. Кесињата пак се важни кога вашето куче мора да врши нужда. Вистина е дека тој би го сторил тоа и без кесиња, но вашиот паричник ќе ви биде благодарен ако ја избегнете евентуалната казна, доколку не го соберете изметот зад вашиот миленик.
4. Крпи и влажни марамчиња. Секогаш е добро да ги имате при рака, затоа што кучето сака да скока по кал, а калливите шепи оставаат дамки на седиштата во автомобилот.
5. Опрема за транспортирање. Некои кучиња сакаат во текот на возењето да ја извадат главата надвор низ прозорецот и да уживаат во ветрот и мавтањето на ушите. Но, тоа во никој случај не е добра идеја. Дури и вашето куче да е среќен патник, не би смееле да му дозволите слободно да лута низ вашиот автомобил за време на возењето. Тоа посебно може да биде опасно за кучето ако дојде до сообраќајна незгода, којашто можете да ја причините со ваквото однесување.
Денес постојат посебни транспортери коишто се дизајнирани за транспорт на кучиња, под претпоставка дека големината на кучето не е ограничувачки фактор. При одбирањето на транспортерот, треба да водите сметка тој да биде доволно голем за кучето да може слободно да стане и да се заврти, но сепак не толку голем за кучето да може слободно да шета низ него. Но, најважно од сè е убаво да го зацврстите транспортерот, за да не се поместува во текот на возењето.
6. Често застанувајте. И кога долгото возење вам не ви е проблем, за вашето куче тоа претставува стресна ситуација. Затоа, застанувајте често за кучето да излезе од возилото и да ги „растегне нозете“. Планирајте чести застанувања, исто како со себе да имате малечко дете. Честите застанувања ќе ви помогнат да имате посреќен сопатник.
И најважно од сè: Кога застанувате за да се одморите или да пиете кафе, никако не го оставајте кучето затворено во автомобилот паркиран на сонце, па макар и да го подотворите малку прозорецот. Температурата во автомобилот за време на летните жештини бргу се искачува до граница којашто е неподнослива за кучето.
Честопати се вели дека кучето е најдобар пријател на човекот. Со правилно и внимателно планирање нема да постои никаква причина вашиот пријател да не стане и ваш најдобар сопатник!