5 чекори кои ќе ви помогнат во решавање на проблемите во врската
Колку и да постои љубов во врската, невозможно е да се избегнат расправиите. Сосема нормално е да има судир на ставови и размислувања, па во тие моменти малку треба за да започнете да се карате. Тоа се некогаш лесни расправии, но некогаш знаат да прераснат во големи и наизглед нерешливи. Но, иако во тие моменти делува како да е крај на светот и како да не постои решение за вашиот проблем, факт е дека доколку и двајцата сакате да го најдете, тоа е секогаш пред вашиот нос.
1. Дајте си време да оладите
Ниту еден проблем не се решава додека сте лути и нервозни. Дури и да се обидете да разговарате во тие моменти, ќе забележите дека тој разговор брзо ќе премине во уште поголема расправија. Но доколку си оставите себеси, а и на партнерот, време и простор да ги избистрите главите, убаво да размислите за целата ситуација, за тоа кој што рекол и дури потоа да седнете да разговарате, ќе видите дека многу полесно ќе се разберете и ќе успеете да дојдете до заеднички компромис.
2. Променете ја околината
Сѐ влијае на нас и на нашето расположение. Дури и само промена на собата во која се наоѓате може многу да влијае на вас и вашето размислување. Некогаш тоа може да биде промена на атмосферата. Не реагирајте веднаш колку и да сте тажни, лути или бесни. Пронајдете што влијае на вас за вие да се смирите и поубаво да размислите од различна перспектива и применувајте го тоа кога и да се наоѓате во тешка расправија со партнерот.
3. Дишете длабоко
Кога се карате со некого тоа предизвикува одредено ниво на лутина кај вас, па сигурно сте забележале дека тогаш срцето ви чука забрзано, а некогаш дури и мислите дека ќе ви излета од градите. Дури и кога не се карате повеќе, ако сте сѐ уште нервозни, вашиот мозок работи забрзано и без престан, па не ретко се случува да се сетите на проблеми и расправии кои се случиле одамна, и повторно продолжувате со кавгите. Тоа е така бидејќи мозокот несвесно тежнее да ја задржи таа состојба на возбуденост, па за да се смирите треба да му испратите одредена порака. Дишете длабоко и полека за да го смирите нервниот систем и така ќе му дадете на мозокот до знаење дека треба да успори.
4. Проширете ги видиците
Иако во моментите на расправање делува дека само вашата страна на приказната е онаа вистинската, најчесто не е така. За секоја врска се потребни двајца, па така и за секоја расправија се потребни двајца. Без разлика кој ја започнал расправијата, факт е дека штом се карате, тогаш постои нешто што не му се допаѓа и на партнерот. Застанете за момент и споделете ги вашите чувства и верзии на проблемот, па обидете се да слушнете и да разберете што навистина сака партнерот да ви каже. Кој знае, можеби ќе излезе дека тој е повеќе во право.
5. Спојте ги приказните
Веројатно е дека во моментите кога конечно ќе почнете да разговарате и да ги споделувате емоциите и вашите размислувања, ќе сфатите дека има доста слични работи кои ви пречат. Во склоп со оние различните и доза добар разговор ќе успеете да ги споите приказните во една, односно да најдете заедничка средина и да дојдете до некој компромис, така што крајниот резултат да биде во полза и на двајцата.
Колку и да е расправијата голема и тешка, доколку навистина ја сакате личноста која се наоѓа спроти вас, тогаш не смеете да дозволите да направите ништо помалку од буквално сѐ за да ја задржите до себе. Терањето инает и правењето сѐ по свое и само како што на вас ви одговара нема да ве одведе никаде. Овие 5 чекори можат да ви помогнат да ги победите лутината и бесот и да преминете преку разликите со кои се соочувате. Сѐ што треба е да го сакате тоа.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.