Ванилиците се колачето што мириса на детство и на празници. Мали, нежни, споени со мармелад и посипани со шеќер во прав – и секогаш се први што исчезнуваат од чинијата. Бидејќи Божиќниот пост трае до 6 јануари, ви го носиме рецептот за посни ванилици, кои по вкус воопшто не заостануваат зад класичните.
Состојки
- 500 g брашно
- 250 g маргарин (проверете на пакувањето дали е без млечни состојки)
- 150 g мелени ореви
- 100 g шеќер
- 2 кесички ванилин шеќер
- кора од еден лимон
- 3 до 4 лажици ладна вода, по потреба
- мармелад од кајсии или шипки за полнење
- шеќер во прав со ванилин за посипување
Подготовка
Маргаринот извадете го од фрижидер неколку минути порано, за да омекне. Измешајте го со шеќерот и ванилин шеќерот додека не стане кремасто.
Додајте ги мелените ореви и рендената кора од лимон, а потоа постепено додавајте го брашното. Месете со рака додека не добиете мазно и меко тесто. Ако тестото се крши, додајте лажица или две ладна вода.
Тестото завиткајте го во фолија и оставете го во фрижидер околу половина час. Така полесно ќе се развлекува и колачињата ќе го задржат обликот.
Сечење и печење
Тестото развлечете го на брашнеста површина, дебело околу 4 милиметри. Со мал калап сечете кругчиња, срцца или ѕвездички. На половина од нив, ако сакате, со уште помал калап исечете дупка на средината – така мармеладот убаво се гледа.
Печете ги на хартија за печење во загреана рерна на 180 степени, околу 10 до 12 минути. Ванилиците треба да останат светли – штом рабовите ќе почнат да добиваат боја, извадете ги.
Спојување
Додека се уште млаки, намачкајте ги долните половини со мармелад и покријте ги со горните. Посипете ги обилно со шеќер во прав.
Тајната е во чекањето
Ванилиците се најубави по еден-два дена, кога мармеладот ќе ги омекне. Чувајте ги во добро затворена метална кутија, на ладно место – така траат и до две недели, ако преживеат толку.
Испечете ги еден викенд порано и празничната маса ќе ви биде готова пред да почне гужвата.






