Како да добиете сè што сакате во 2015?

Како да добиете сè што сакате во 2015?

Сигурно лани ова време сте донеле макар неколку новогодишни одлуки и сте решиле дека наредната година ќе ви биде најдобрата досега. Сигурно сте прекршиле поголем дел од новогодишните одлуки и сега мислите дека не сте го извлекле најдоброто од себе во 2014. Заборавете на тоа. Новата година е нов почеток и од 2015, која ни е на прагот, вие ќе го извлечете најдоброто од себе и ќе добиете сè што сакате. Да почнеме со тоа што нема да донесете никакви клише одлуки за кои и самите сте свесни дека нема да ги исполните.

Како да добиете сè што сакате во 2015?

Еве како да добиете сè што сакате во 2015 и да го промените вашиот живот на подобро.

Не правете го она што не го сакате и во кое не уживате

Не запишувајте се на фитнес или во теретана само затоа што сите го прават тоа и само затоа што би требало да одите таму секој ден за да ѝ посветите време и внимание на вашата фигура. Заборавете на тоа! Не правете ништо што не ви е по ќеф, дури и ако сите го прават тоа или е нешто што „така треба“ да биде.

Не трошете пари непотребно

Ако ретко кога сте дома и ретко кога гледате телевизија, а филмовите што ги гледате ги спуштате од интернет, реално, која е потребата да плаќате за кабловска? Дали навистина ви е потребен тој интернет пакет или телефонската претплата која ја користите? Сега е време да почнете парите да ги трошите разумно и да бидете горди на себе. Не, не ви е потребен уште еден пар фармерки, оставете ги на место.

Но, трошете како луди за нешто што ви прави ќеф

Сакате да читате? Купете онолку колку што сакате на саемот на книгата. Дозволете му на срцето да ви се наполни со среќа. Пуштете го срцето и купете им сè што сакате на вашите внуци и купете скап подарок за роденденот на татко ви. Ете, тоа не се залудно потрошени пари.

Не излегувајте со луѓе кои не ги сакате

Зошто да седите со часови правејќи муабет што не ви е по ќеф со луѓе кои не ги сакате и само ви пренесуваат негативна енергија? Едноставно речете „не“.

Но, поминувајте многу време со пријателите

И тогаш кога сте уморни, зафатени или ви се спие. Најдете време и начин за најблиските. Излезете на кафе, кажете си што има ново, израдувајте им се на луѓето што ги сакате.

Ослободете се од токсичните пријателства

Знаете, оној пријател или пријателка кој/а постојано прави да се чувствувате лошо за себе. Кој/а ве тера да мислите дека не вредите доволно и е завидлив/а на вашите успеси, но во нос ќе ви го набие нештото во кое не сте успеале. Ослободете се од нив цврсто и отсечно. Не ви требаат такви личности кои ќе ви ја нарушуваат благосостојбата.

Читајте макар една книга месечно

Реално, секој има време за макар една книга месечно. Прашајте ги вашите пријатели за предлог, купете добра книга и уживајте. Многу скоро ќе почнете да го чувствувате позитивниот ефект на читањето.

Штедете за одмор

Почнувајќи од јануари, секој месец тргајте на страна пари за одмор и патување. Кога ќе дојде вистинското време и кога ќе имате доволно пари, организирајте си незаборавно патување, бидејќи го заслужувате.

Престанете да се залажувате себеси на љубовен план

Не, тој/таа не е вистинскиот/ата за вас, и вие добро го знаете тоа, па прекинете со време. Честопати луѓето остануваат во љубовна врска која ги гуши, не им дава да дишат, не им дава да одат напред. Кога ќе го прифатите ризикот и ќе ја прекинете таа врска, ќе си дозволите себеси да го/ја најдете вистинскиот/ака за вас. Сакате успешна љубовна година? Останете сами некое време и почекајте тој/таа да се појави во вашиот живот.

Почесто јавувајте им се на членовите од вашето семејство

Понекогаш јавете ѝ се на вашата мајка пред таа да ве побара вас.

Ако сте сингл, ставете крај со оној кој не е подготвен за обврски

Вие сакате врска, тој/таа не сака обврски. Во ред, тоа е негово/нејзино право, но вие сакате и заслужувате повеќе.

Како да добиете сè што сакате во 2015?

Почесто кажувајте „те сакам“

Јасно ви е зошто. Едноставно ослободете си го срцето и кажете што чувствувате.

Трошете повеќе на концерти и патувања отколку на облека

Имате што да облечете? Во ред. Потрошете повеќе на незаборавни животни искуства.

Но, купете го оној секси фустан/дуксер кој го сакате

Дефиниравме дека облеката е минлива и небитна, но ако работите напорно, го заслужувате парче облека кое ви стои убиствено и кое ќе го носите со самодоверба.

Бидете скромни, љубезни и благодарни

Некогаш ние луѓето знаеме да бидеме арогантни и игнорантни. Треба да сфатиме дека сме многу мал дел од универзумот и да се спуштиме на земја. Бидете љубезни и скромни, радувајте се на малите нешта, не летајте во облаци и често велете „благодарам“, бидејќи не само што е добро да се слушне туку и ќе ве научи колку треба да цените сè што луѓето прават за вас.

Конечно разговарајте со шефот за унапредување

Работите напорно, го давате најдоброто од себе, но никако да соберете храброст да си го побарате заслуженото. Направете го тоа. Нема што да изгубите. Ако ја изгубите работата, или не го добиете унапредувањето, само соберете храброст и бидете подготвени за подобрата животна можност која ќе ви се отвори.

Посветувајте им доволно внимание на саканите

Не излегувајте да му/ѝ купите подарок на пријателот/ката еден час пред роденденот. Испланирајте нешто добро, нешто што ќе го/ја „мавне“ од земја, купете му/ѝ нешто што навистина го сака. Посветувајте им внимание на луѓето кои ви се важни.

Понекогаш, заборавете на себе

Нашиот фокус кон самите себе е себичен но и неретко води до депресија и незадоволство. Доколку секогаш се ставате себе во центар на вашиот свет, за брзо другите ќе ве ставаат во втор план. Научете понекогаш да се ставите на второ место.

Но, знајте кога да си посветите внимание само на себе

Од друга страна пак, не сте себични ако сакате малку мир и одлучите да се исклучите од светот во топла купка и со добра книга.

Имајте незаборавна 2015!

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар