Книга: „Сенки од еднорог“ – Ракел Мартинес
Книга која ве повикува да се доближите до себеси и да се вивнете без да ги одвоите нозете од земјата
Наша оценка: 9/10
Ваша оценка:
„Сенки од еднорог“ е дело на шпанската авторка Ракел Мартинес, со кое во 2010-та година ја добива Европската награда за литература. И тоа е сосема оправдано земајќи го предвид фактот дека станува збор за едно навистина необично, оригинално дело, каде како сенки се испреплетуваат минатото и сегашноста, за на крајот сосема случајно се создаде пат за ново самооткривање и подобар пат кон иднината. Преку ликовите на младите Клаудија и Едгар, на многу поетски, современ, напати кондензиран јазик, Ракел Мартинес зборува за животот на имигрантите во Мадрид, за бегството, потрагата по себе и сопствениот идентитет.
Доделуваме 2 книги во соработка со Издавачкиот центар ТРИ
Имено, Клаудија е новинарка родена во Овиедо, но израсната во Аргентина. Се враќа во Шпанија со надеж дека ќе започне нов живот, и првата работа што ја наоѓа е во еден мадридски коктел-бар, „Еднорог“, кој зрачи со мистерија и уникатност. Таму го запознава Едгар, кој исто така бега од своето тешко минато. Преку внатрешните монолози и размислувања, се објаснуваат причините за нивното доаѓање во Мадрид.
Инаку книгата се состои од два дела. Првиот дел целосно е посветен на Клаудија, додека вториот, во поголем дел ги покрива случувањата на Едгар. При раскажувањето на Клаудија, читателот постојано е на релацијата Аргентина-Шпанија, што иако на почетокот изгледа малку чудно и несфатливо, сепак додава на чувството на нејасност и мистериозност, што самата книга сака да го постигне. Подоцна, во вториот дел, приказната на Клаудија се испреплетува со онаа на Едгар, создавајќи цела мрежа на случувања и сенки, како би се изградиле темелите на нова сегашност, а со тоа полека би почнало да се наѕира себепронаоѓањето и она што допрва треба да се случи.
Како и еднорогот, кој живее во нашата имагинација и желби, така и главните ликови, минуваат низ истата дуалност, и живеат меѓу она што се и она што сакаат да постанат. Низ своите желби и имагинации се трудат да го пронајдат својот пат, барајќи го еднорогот, лутајќи, преиспитувајќи се себе, своите одлуки и своето минато. На една средба со еднорогот, добиваат шанса да се пронајдат себеси, шанса што е подеднакво прекрасна и неочекувана.
Еднорогот како митолошко суштество, постои во грчката митологија, кинеската традиција и индиската уметност. Во литературата најчесто симболизира чистота, невиност, мистериозност, копнеж за мир и вистина, по која сите трагаат и сакаат да ја достигнат. Со еден збор – самоспознавање и нов почеток. Токму она по кое чудните, осамени и различни Кладуија и Едгар постојано трагаат.
Долгоочекуваната средба со еднорогот е шанса да се пронајдат себеси. По сите перипетии, доживеани разочарувања, болка и самосвест, при средбата со еднорогот се помируваат со реалноста и своето минато, подготвени за еден поубав живот и постоење. Набргу двајцата сфаќаат дека колку и да се обидуваш, невозможно е да започнеш сè од почеток. Но можеш да се откриеш и прифатиш себеси. Да се доближиш до своето јас и да се вивнеш без да ги одвоиш нозете од земјата.
За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест, користејќи го хаштагот #СакамКнигаОдТРИ и вашето име и презиме (ако не може да се прочита точно од вашиот профил). Имате време до среда, 15 октомври 2014.
Добитниците ќе бидат известени преку профилите на Кафе пауза на Фејсбук, Твитер и на Пинтерест.
Наградите ќе можете да си ги подигнете со документ за лична идентификација во книжарницата ТРИ.
#СакамКнигаОдТРИ
#СакамКнигаОдТРИ