Какви привилегии носи работата во некои од најголемите светски компании?
Кога читаме или слушаме за тоа како е да се работи во најголемите светски компании, најчесто дознаваме за лошите страни на корпоративната култура и за нивните тешки интервјуа за работа. Сепак, работата таму покрај големата плата носи и определени привилегии со кои одговорните сакаат да им обезбедат на вработените мала оддишка од напорната работа, поголемо задоволство во работата и со тоа и поголема продуктивност.
Гугл
Гугл на вработените им обезбедил куглана во која може да се релаксираат, не е забрането и да дремнат малку, а покрај тоа секој од нив може 20% од своето работно време да го искористи на некој личен проект по свој избор. Им се нуди и невообичаена можност за перење на алиштата додека се на работа, но најинтересната привилегија е тоа што компанијата му дава по 5.000 долари на секој вработен кој ќе реши да купи електричен автомобил. Дел од зелената политика се и бесплатните велосипеди наменети за транспорт од една до друга зграда во големиот комплекс на Гугл.
Фејсбук
Фејсбук се труди да ги задоволи своите вработени давајќи им големи количини на бесплатна вкусна храна. Во своите простории тие имаат пицерија, суши ресторан, слаткарница, ресторани со скара, продавница за салати итн.
Твитер
Твитер е компанија која очигледно претпочита малку поопуштена атмосфера. Не постои код на облекување, некои од состаноците се одржуваат на покривот, може да се вежба јога во канцелариите и внимавајте – даваат бесплатно пиво. Исто така многу се флексибилни кога станува збор за годишните одмори.
САС
ИТ компанијата САС се грижи за здравјето на своите вработени. Имаат свои терени за кошарка и тенис, своја фитнес сала, базен, салон за масажа, па дури и сопствен лекар.
Епл
Епл е позната како компанија која е скржава кога станува збор за дополнителни привилегии за работниците. Таа е далеку од останатите компании кои се спомнуваат овде, но се издвојува по тоа што отсекогаш промовирала политика на толеранција кон работниците – припадници на ЛГБТ популацијата и еднакви привилегии за сите, дури и во моментите кога поради тоа губеле клиенти и пари.