Поранешна црква претворена во ексклузивен ресторан
Зарем некогаш сте помислувале дека на местото на една поранешна црква може да изникне ваков ексклузивен ресторан? Ресторанот „The Jane“, се наоѓа во Антверп, Белгија и нуди навистина поинакво гастрономско искуство.
Одличната храна не е единствениот аспект што местово го прави неодоливо. Тука е и впечатливиот и необичен ентериер. Забележителни се драматичните модерни дизајнерски елементи, како што се масивниот лустер, декорираниот под и совршено сочуваниот таван. Може да се каже дека во ресторанот, прекрасните современи елементи одлично се вклопуваат со старинскиот дизајн, при што се создава уникатен простор.
Од материјали, најдоминантни се дабовото дрво, природниот камен и кожата, употребена кај елементите за седење. Сепак, она што е најинтересно е поставеноста на кујната. Стаклените врати им овозможуваат на гостите да уживаат во ритуалот на подготовка на јадењата, во пријатна и специфична атмосфера. После сѐ, се чини дека одличната храна е новата религија!
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.