Дали има начин однапред да се подготвиме за проблемите кои ни ги носи животот? Можеме ли да го режираме нашето созревање со цел да бидеме целосно подготвени за животните предизвици и да се спасиме себеси од повреди и падови? Сите некогаш сме биле лудо заљубени, повредени или излажани, или пак сме повредиле или излажале некој друг. Аналогно на тоа, би зела примери од многу личности и ситуации, примери поради кои цврсто тврдам дека во животот на секој маж постои жена која му одржала важна лекција, а во животот на секоја жена постои маж кој ја натерал да созрее. Речиси секој кој влегува во нашите животи, нè учи на нешто.Тој еден ден ќе има среќен брак, сопруга која ќе ја сака и деца кои ќе ги остави како свое поколение, но никогаш нема да ја заборави девојката која во раната младост му го скршила срцето. После неа тој станал поинаков човек, можеби подолг период со резерва верувал во љубовта. Зборувам за секој маж, без исклучок. Ја има преболено, но кога ќе помисли на неа и по дваесет години, срцето малку ќе го запече.
Од друга страна, секоја жена односно девојка, сретнала маж кој ја натерал да созрее. Човек кој ја изнел од невиниот детски и розов свет и ја соочил со реалноста. Ѝ укажал на тоа дека во животот постојат различни луѓе со различни карактери. После него сфатила дека некогаш животот не е фер, а со тоа станала дел од светот на возрасните.
Неодамна гледав филм во кој девојчето кое ја толкуваше главната улога проба намерно да созрее. Си го испланира процесот на созревање со цел побрзо да стане жена и да биде целосно подготвена за животните предизвици. Ама созревањето не можело да се режира, едноставно се случува, се искусува. Може да си премногу паметен, ама недоволно искусен, па поради тоа да постапиш навистина глупаво.
Да бевме родени со можност да се програмираме сè да знаеме однапред, да се подготвиме себеси и сè да правиме исправно, животот ќе ни беше навистина здодевен. Во ред е, секоја глупост, секоја грешка, секој погрешен избор, сè е во ред и не е страшно. Тоа се лекции од кои учиме многу. Тоа се вика созревање.
Денес сме попаметни, позрели и поискусни од вчера.
До следното читање,
Вашата Ели.rnrn
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

