Декември и почетокот на новата скијачка сезона се сè поблиску, а планинските центри низ Србија се подготвуваат да ги пречекаат гостите. Без разлика дали сте љубители на скијањето, семејство или сакате одмор во природа, планините во Србија нудат одмор по секоја мерка.
Копаоник, Златибор, Стара планина, Тара, Дивчибаре и помалите планински центри ги чекаат посетителите со разновидни содржини: скијачки патеки, панорамски возења, културни знаменитости, спа и велнес центри и традиционална гастрономија.

Копаоник – планина на која секогаш се враќаме
Копаоник веќе со децении е водечка зимска дестинација во Србија. Со повеќе од 60 километри уредени скијачки патеки и скијачки патишта со различна тежина, нуди одлични услови и за почетници и за искусни скијачи.
Посебно доживување е ноќното скијање на осветлените патеки, во амбиент на планински врвови меѓу кои се издвојува Панчиќев врв, висок 2.017 метри.

Сепак, убавините на „Сончевата планина“ не завршуваат на патеките. Зачуваната природа на Националниот парк Копаоник, содржините за семејства, хотелите, рестораните и спа и велнес центрите привлекуваат и гости на кои скијањето не им е прв избор.

Претстојната сезона ќе ја одбележат и трките од Светскиот куп во ски-крос, најавени за 26 и 27 февруари 2027 година.

Златибор и Тара – две лица на зимската магија
Западна Србија во зима го открива своето посебно лице. Ливадите покриени со снег и густите иглолисни шуми создаваат амбиент во кој активниот одмор лесно се спојува со опуштањето во природа.
На Златибор, ски-центарот Торник нуди патеки со различна тежина, а љубителите на нордиското скијање можат да уживаат на Тиќ поље. Посебна атракција е возењето со Голд гондолата, која го поврзува центарот на Златибор со Торник преку Рибничкото Езеро.
Прошетките, содржините за деца, современите хотели и спа центрите ја прават оваа планина привлечна за гости од сите генерации. А комплет лепињата, пршутата и кајмакот се неизоставен дел од одморот.

За оние кои ја замислуваат зимата во помирен ритам, Тара е посебен избор. Пространите шуми на Националниот парк Тара, живеалиштата на Панчиќевата оморика и видиковците со импресивен поглед повикуваат на престој во природа.
Санкањето, локалните скијалишта, традиционалните домаќинства и одморот покрај топла печка ѝ даваат на оваа планина посебен шарм. Поради својата различност, Златибор и Тара се идеална комбинација за патување што ги спојува забавата и спокојството.

Стара планина – зимска авантура во недопрена природа
На истокот на Србија, Стара планина ги пречекува посетителите со пространи пејзажи и зачувана природа. Во пределот на Бабин зуб се наоѓаат скијачките патеки Коњарник, Сунчана долина и Маркова ливада, наменети за скијачи со различно искуство.
Уредените патеки и современата инфраструктура нудат услови за активен одмор, а шумите, видиковците и врвот Миџор, висок 2.169 метри, ја откриваат дивата убавина на оваа планина. По денот на снег, уживањето продолжува со домашни сирења, старопланински кашкавал и традиционални јадења од источна Србија.
Дивчибаре, Златар и Гоч – одмор во поинаков ритам
За уживање во зимата не е потребно скијачко искуство. Дивчибаре, на планината Маљен, се особено привлечни за семејствата благодарение на скијалиштето на Црн врв, скијачките школи и можностите за санкање и прошетки.
Златар и Гоч нудат помирен амбиент, зачувана природа, пријатно планинско сместување и можност за рекреација и опуштање далеку од градската врева.

Зимско патување низ културата и традицијата
Одморот на планина е можност и да се открие богатото културно наследство на Србија:
- на Златибор вреди да се посетат Музејот на отворено „Старо село“ во Сирогојно и Стопиќевата пештера
- во близина на Тара се манастирот Рача и Музејот на кирилицата
- престојот на Стара планина може да се надополни со излет до Пирот, познат по ќилимите, и блиското камено село Гостуша
- од Дивчибаре може да се тргне во обиколка на Ваљево и старата чаршија Тешњар
Вкусови на зимата што се паметат
По ден поминат на снег, малку нешто годи како топло домашно јадење. Златиборскиот крај е познат по комплет лепињата, пршутата и кајмакот, а блискиот Мачкат по сувомеснатите специјалитети. Пирот е препознатлив по кашкавалот и пегланата колбасица.
Низ Србија, на планинските трпези се служат проја, цицвара, домашни пити, јадења под сач и чорби. Со локалните вина, ракии и гостопримството на домаќините, гастрономијата станува важен дел од зимското патување.
Пронајдете ја својата причина за зима во Србија
Без разлика дали планирате скијање, семеен викенд на снег или одмор што ги спојува природата, културата и гастрономијата, планините во Србија нудат многу можности. Од возбудливи спуштања и панорамски возења до традиционални села и автентични вкусови, секоја дестинација носи своја зимска приказна.
Повеќе информации за зимските дестинации, сместувањето и настаните можете да најдете на официјалната страница на Туристичката организација на Србија, serbia.travel.
Доживејте ја Србија во зима!
Фотографии: HIISHII







