Кога ќе се спомне старо Скопје, една од првите слики што ни се појавува е Камениот мост над Вардар. Со векови тој стои во срцето на градот и ги поврзува двата негови препознатливи дела – просторот околу денешниот плоштад Македонија и Старата скопска чаршија.
Иако денес го доживуваме како дел од секојдневниот градски пејзаж, Камениот мост има историја стара повеќе од пет века. Според најчесто прифатените историски податоци, мостот во сегашната форма бил изграден во периодот од 1451 до 1469 година, во времето на султанот Мехмед II Освојувачот. Сепак, постојат и индикации дека на истото место постоел постар мост. Археолошките истражувања откриле траги од мостовска конструкција од византискиот период.
Изграден од внимателно обработени камени блокови, мостот е долг повеќе од 220 метри и широк околу шест метри. Неговата масивна конструкција се потпира на столбови поврзани со полукружни сводови, а во централниот дел се наоѓа препознатливата ниша – миhrаб.
Низ вековите Камениот мост поминал низ бројни тешки моменти. Бил оштетуван од земјотреси и поплави, а особено познато е оштетувањето од големиот земјотрес во 1555 година, по кој следувале обнови. Мостот бил поправан и во 1579 година, а подоцна и во 1817/18 и 19 век.
Еден од најинтересните моменти од неговата понова историја се случил во 1944 година. При повлекувањето на германските сили од Скопје, на мостот бил поставен експлозив со намера да биде урнат. Сепак, активирањето било спречено и Камениот мост бил спасен.
Само две децении подоцна, во 1963 година, Скопје било погодено од катастрофалниот земјотрес. Камениот мост бил меѓу ретките значајни објекти во градот кои не претрпеле сериозни оштетувања. Токму затоа денес тој се доживува не само како историски споменик, туку и како еден од симболите на издржливоста на градот.
Можеби најубавото нешто кај Камениот мост е тоа што, кога денес ќе застанеме на него, можеме да замислиме колку различни генерации скопјани минувале по истите камења. Трговци од чаршијата, патници, занаетчии, ученици и жители на старото Скопје го користеле мостот како дел од својот секојдневен живот.
Денес мостот е пешачка врска меѓу центарот и чаршијата, но и своевидна врска меѓу минатото и сегашноста. Затоа Камениот мост не е само мост над Вардар – тој е едно од местата каде што старото Скопје сè уште може да се почувствува.


