Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, објави дека група млади лица два дена по ред, околу 22:30 часот, вандализирале училишен двор во Аеродром.
Според објавата, станува збор за иста група млади лица со мотори кои превртувале контејнери, оштетувале урбана опрема и оставале неред во простор кој е наменет за учениците, но и за граѓаните што секојдневно го користат.
Како што информира Митески, лицата се идентификувани и за случајот е поднесена соодветна пријава.
Тој посочи дека, за жал, вакво однесување било забележано и на повеќе други локации низ општината, каде што била уништувана урбана опрема, детски игралишта и други јавни содржини.
Поради тоа, Општина Аеродром во соработка со МВР ќе ги засили контролите и надзорот на критичните локации, со цел да се спречат вакви инциденти и да се заштитат јавните простори.
„Погледнете го видеото и видете како изгледа неодговорното однесување кое нема да биде толерирано“, стои во објавата.


