Интервју со @kokarche: Инстаграм-профил на кој ќе најдете вкусни и креативни рецепти
Зад инстаграм-профилот на Кокарче се крие Добрица Насевиќ, по професија архитект, но овој профил е еден поинаков проект на кој таа може да ја тестира и да ја развива својата креативност. Во продолжение ќе прочитате кога и како се родила идејата за овој бележник од кујната на едно семејство.
1. Како се роди идејата за Кокарче, кој се крие зад профилот и од каде потекнува идејата за името?
View this post on Instagram
Инстаграм-профилот @kokarche настана во необичната пандемиска пролет минатата година кога поголемиот дел од времето го поминувавме во своите домови. Приказната започнува во муабетите со еден наш многу драг пријател кој моментално живее во Холандија. Со него редовно споделувавме (продолживме и до ден денес) што сме зготвиле и каков кулинарски предизвик сме совладале, па на неколку пати знаеше да каже: „Треба да почнеш блог“. Профилот го отворив повеќе заради интерна забава со функција на модерна тетратка со рецепти каде што ќе ги бележам успешните обиди во кујната, без намера да го ширам и да го популаризирам. Но, се случи клучен момент кој направи пресврт – алгоритамот на Инстаграм го сугерираше @kokarche на мојата драга Теа Трповска (@teatrpovska) која одлучи да го сподели на својот профил и одеднаш надојдоа преку 100 следбеници за помалку од 24 часа! Тоа беше таков момент на возбуда и трема, но и активирање на некоја внатрешна ламбичка дека Кокарче може да биде интересен повеќеслоен проект.
View this post on Instagram
Прашањето за името го добивам многу често. Од сегашна перспектива, да требаше да го смислувам со намера да креирам профил кој ќе го следат илјадници, најверојатно немаше да се одлучам за него, но како што поминува времето, сфаќам дека е навистина интересно, скокотливо, различно од мноштвото профили за храна и не би го сменила. Кокарче се користи како назив за млад кромид или семе за кромид, а асоцијацијата на храна е единствениот метод кој се користеше, ништо ново и револуционерно.
Инаку, по професија сум архитект, а креативец сум цел живот. На Кокарче гледам како на малку поинаков вид проект и можност за тестирање на мојата креативност, а создавачките искуства, без оглед на тоа преку кој медиум и како се практикуваат, секогаш носат освежување на потенцијалот. Верувам дека само со истражување, себеиспитување и постојано учење можеме да го дадеме максимумот онаму каде што се чувствуваме дека сме на матичен терен.
2. Од каде ги црпите идеите за рецептите и како се инспирирате за декорирањето на храната? Колку долго се занимавате со ова?
View this post on Instagram
Изборот на рецептите, пред сѐ, зависи од тоа кои намирници се во сезона, па потоа истражувам што може да се направи со нив. Преферирам кога храната е атрактивна сама за себе, без многу „постпродукција“ и китење или тоа да биде минимално и со природни украси – парчиња овошје, јатки, некои тревки и слично. Нормално, има поводи кои бараат малку повеќе труд и на тој план, како што се на пример празничните рецепти и роденденските торти, но и тогаш гледам да се водам по принципот дека помалку е секогаш повеќе. Така, предизвикот да се постигне ефект е поголем.
View this post on Instagram
Готвењето со ваква посветеност каква што ја гледате ми е релативно нова опсесија. Можеби по добивањето на родителската улога, новото чувството за грижа и инстинктот да се прехрани најмалиот член од семејството придонело да се зголеми и интересот за подготовка на храна и секојдневно истражување и учење на тоа поле, но факт е дека креативниот карактер на процесот е тоа што ме привлекува.
3. Дали се сеќавате на вашиот прв рецепт? Имате ли омилен рецепт?
View this post on Instagram
Секако дека се сеќавам и тоа беа палачинки, што не е некое големо изненадување, мислам дека мнозинството од нас прво тоа пробуваат да го направат во кујната. Ги имав доведено речиси па до совршенство (или барем така сакав да верувам). Смесата ја правев со сите можни алатки на располагање, со миксер, без миксер, во блендер, рачно со жица, па дури и со цедалка низ која трпеливо ја цедев смесата додека не ги елиминирам сите грутки. А, ги печев во тавче кое служеше само за тоа и кое не се чистеше длабински и тоа беше проблем – следните две тури мораа да завршат во канта.
Сега многу поретко правам палачинки, а омилени рецепти ми се тие за свежи салати во кои има некое овошје и слатко-кисел прелив. Не сум многу по благото, иако можеби не изгледа така.
4. Кои видови рецепти предизвикуваат најголем интерес кај публиката? Дали добивате некакви предлози?
View this post on Instagram
Брашно, вода, квасец и сол – оваа комбинација е секогаш во сезона и победува. Рецептите со тесто се меѓу најзачувуваните и од нив добивам најголем фидбек и фотографии од креациите кои ги напаравиле следачите. А, рецепти кои најмногу им се допаѓаат, ако се суди според бројот на лајкови, се рецептите за десерти, без разлика дали се со здрав засладувач или со рафиниран шеќер. Конкретни предлози за одреден вид јадења добивам поретко, а почесто ми испраќаат фотографии од рецепти кои ги потсетуваат на Кокарче поради визуелниот момент и тоа ми е навистина симпатично.
5. Дали некој рецепт ве потсетува на некоја посебна приказна или случка од вашето семејство?
View this post on Instagram
На конкретна приказна или случка не можам да се сетам, но има неколку јадења што ги поготвува мајка ми кои сѐ уште ми се на врвот на листата со предизвици за кои немам собрано храброст да ги направам. Ќе ја издвојам питата со кисела зелка од сукани кори кои ги прави толку прецизно и вешто – идеални кружници како со шестар, без ниту една пукнатина и совршено тенки. Тоа е искуството кое секогаш ќе ме потсетува на дома.
6. Издвојте топ 3 јадења што им ги препорачувате на нашите читатели. Зошто ги избравте баш нив?
Прв рецепт кој го препорачувам е рецептот за најдобрата домашна пица подготвена во домашна рерна – целосно ќе ја промени вашата перцепција за тоа што сѐ може да се подготви дома, потоа колачињата со ѓумбир кои по повод месецот на љубовта можат да се направат во срцевидна форма и рецепт за песто со индиски ореви, совршен додаток во секоја порција паста или на потпечено лепче.
View this post on Instagram
View this post on Instagram
View this post on Instagram