Трикови што ќе го продолжат животот на евтиниот мебел
Купувањето убаво парче мебел по прифатлива цена претставува голема радост за љубителите на уредувањето на ентериерот или за оние кои едноставно треба да го уредат домот. Меѓутоа, често се случува по неколку дена кај поевтините парчиња мебел да се појават првите проблеми. Факт е дека поевтините материјали како што се иверица или пластика се трошат побрзо од поскапите материјали како што се дрво или метал.
Но, тоа не значи дека поевтините парчиња мебел не можат да траат долго. Она што е важно е како се однесувате кон нив. Исто така, искусните мајстори знаат неколку трикови кога станува збор за продолжување на животот на некое парче мебел, особено ако е поевтино, чиј рок на траење е пократок. Во продолжение прочитајте неколку од нив.
1. Откако ќе составите некое парче мебел, потрудете се да не го расклопувате повторно
Можеби не ви звучи проблематично, но откако ќе го составите мебелот, особено ако е поевтин, обидете се да не го расклопувате повторно. Секој пат кога ќе го сторите тоа, ризикувате да ги проширите дупките, да создадете набори и да ја нарушите структурата.
Дури и кога се преселувате во нов стан или во нова куќа, обидете се да најдете начин да го пренесете мебелот без да го расклопувате.
Бидете внимателни при селењето, бидејќи оштетувањето на мебелот често се јавува поради неправилно и невнимателно ракување.
2. Стабилизирајте ги дупките
Доколку ви се прошират дупките за дупчење, користете дрвено стапче за да ги пополните дупките што се многу широки. Притиснете го парчето дрво во дупката, зацврстете го со лепило за дрво и исчистете го вишокот. Откако ќе се исуши, повторно направете дупка.
3. Заштитете го мебелот од дамки
Користете подлоги за чаши за да спречите формирање дамки.
4. Затегнувајте ги завртките одвреме-навреме
Со текот на времето, завртките може да се олабават и мебелот ќе почне да крцка. За да го избегнете тоа, повремено затегнувајте ги завртките. Тоа е ситница што ќе го продолжи животот на мебелот. Доволно е да го правите тоа еднаш на шест месеци и не претставува некоја голема обврска.
5. Одржувајте го мебелот уреден и чист
Еден од начините да се процени староста на мебелот е според неговиот изглед, а нечистотијата и прашината се фактори што може да го направат мебелот да изгледа стар и избледен. Затоа е важно редовно да го чистите. Не користете силни хемикалии бидејќи така ќе направите повеќе штета отколку корист. Бришењето со чиста влажна крпа обично ќе биде доволно.
6. Ако е потребно, пребојте го или тапацирајте го мебелот
Дури и кога ви изгледа дека мебелот дал сè од себе, можеби не е така. Посветете му време и труд за да го вратите во живот. На пример, изгребаната маса можете повторно да ја вратите во живот со повторно боење, а софата со нов тапацир.
7. Треба да ги знаете правилата
Најважното нешто што ќе ви помогне да го одржувате мебелот во добра состојба подолго време се правилата на однесување во домот. Ова важи и за евтините и за поскапите парчиња мебел.
На пример, поставете правило каде можете да јадете, а каде не. Ако имате деца, не дозволувајте им постојано да скокаат на креветите бидејќи на тој начин тие се распаѓаат. Користете подлоги секогаш кога тоа е можно.
Погледнете ги овие 5 идеи како да го искористите максимумот од поткровјето.