Најдоброто прашање што можат да ви го постават на интервју за работа
Доколку сте менаџер за вработување, ова прашање е ваша можност да дознаете повеќе за тоа како потенцијалниот кандидат им пристапува на одговорностите. Доколку пак сте кандидат за вработување, прашањето е можност да се издвоите од конкуренцијата.
Станува збор за прашањето „Што направивте за да се подготвите за ова интервју?“
Имено, според Сузи Велш од CNBC, одговорот на ова прашање може да открие многу и да биде можност за кандидатот да се истакне.
„Еднаш имав кандидатка за извршен асистент која изгледаше совршено на хартија. Имаше големо искуство, а покрај тоа го направи и мојот тест за уредување. Нашиот разговор се одвиваше интересно, сè додека не ѝ го поставив прашањето. Изненадено ми одговори: ‘Ја барав вашата локација на Гугл’. Тоа била нејзината подготовка“, изјавила Сузи.
Се разбира, барањето на местото каде што ќе се одвива интервјуто би требало да биде дел од обврските, но тешко дека ова може да се смета за подготвување. Па наместо да продолжи со оваа кандидатка, Сузи одбрала некој кој дополнително се потрудил и направил доволно истражување за неа и за нејзината кариера.
„Еве кого избрав – жената која ги прочитала сите мои книги и колумни.“
Не само што кандидатката ја пребарала адресата, туку претходната вечер го посетила и месото за да ја провери ситуацијата со паркинг. Ова ја натерало Сузи да помисли дека девојката почнала да работи на местото уште пред да ја добие работата. Таа пријатно се изненадила од снаодливоста и борбеноста на кандидатката.
Имено, убавината на прашањето е што доколку сте менаџер за вработување, можете да видите колку кандидатот ја сака работата, како и да ги увидите подготовките и енергијата што ќе ги донесе на првиот работен ден. Доколку пак сте кандидат, ова е можност да го докажете истото.
„Што повеќе можете да посакате од прашање на интервју? Прашајте, или бидете подготвени да одговорите на ова и ќе успеете“, додала Сузи.
Прочитајте ги и најважните совети за интервју за работа кои никој не ви ги кажал досега.