7 неверојатни промени кои настануваат кај женското тело по породувањето
Раѓањето на детето е највозбудливиот настан во животот на секој родител. Бременоста и самото породување предизвикуваат разни промени во животот и на двајцата родители, но телото на мајките се менува на навистина неочекувани начини. Иако некои симптоми по породувањето, како стриите и паѓањето на косата се чести, постојат некои појави што можат да ги изненадат дури и искусните мајки. Погледнете кои се телесните промени со кои се соочуваат жените по породувањето.
1. Можно е да чувствувате „фантомско“ клоцање во стомакот
Ова е можеби најчудното чувство што можат да го искусат новите мајки. По породувањето, некои жени сè уште го чувствуваат клоцањето на нивното бебе до тој степен што се убедуваат дека повторно се бремени. Постојат неколку теории кои се обидуваат да го објаснат овој феномен. Според една, во текот на бременоста жената станува премногу свесна за движењата во матката, па овие движења остануваат воочливи и по породувањето.
2. Може да ви се промени текстурата и бојата на косата
Иако паѓањето на косата во текот на бременоста и по породувањето е честа појава, некои жени забележуваат дека им се менува и текстурата или бојата на косата. Некогаш витканата коса може да стане права и обратно.
3. Можно е да се измени и вашиот вкус за храна
Можно е да забележите дека по породувањето, храната што некогаш сте ја сакале ви станала одвратна. Менувањето на вкусот за храна во текот на бременоста е нормално, но некои жени го искусуваат ова и по породувањето. Најчесто причината се хормоналните промени кои настануваат во текот на бременоста. Некои нови мајки можно е дури и да се соочат со нова алергија или нетолеранција на одреден вид храна.
4. Се менува мирисот на вашето тело (или вашето сетило за мирис)
Некои жени изјавиле дека откако се породиле, им се променил мирисот на нивното тело. Сè уште не е познато дали навистина се менува мирисот на телото, или пак сетилото за мирис на новите мајки. Овие промени се чести во текот на бременоста, а понекогаш се сметаат и за еден од најраните знаци за бременост.
5. Вашите заби можат да станат поподложни на кариес
Многу нови мајки забележале дека по породувањето им се зголемила појавата на кариес и болестите на непцето. Според експертите, постојат неколку причини зошто бременоста и породувањето влијаат на оралното здравје:
- Киселината што се појавува поради утринското гадење ги ослабува забите
- Во текот на бременоста и по неа се зголемува консумирањето на шеќер, со што се зголемува и ризикот од кариес
- Зголемувањето на нивото на одредени хормони ги зголемува воспалителните процеси, а со тоа се појавуваат проблеми со непцето
6. Можно е да ви се прошират колковите
Многу нови мајки забележуваат дека нивните колкови станале пошироки откако се породиле. Иако звучи чудно, има физиолошко објаснување за ова – во текот на бременоста, лигаментите што го држат карличниот појас омекнуваат за да му овозможат ширење на каналот за породување. Ако не ви се допаѓа изгледот на вашите колкови по породувањето – немојте да паничите, лигаментите повторно ќе зајакнат.
7. Можно е да ви се зголемат стапалата за еден број
Веројатно знаете дека во текот на бременоста отекуваат многу делови од телото, вклучувајќи ги и стапалата. Иако отоците исчезнуваат по породувањето, вашите стапала можно е да не се намалат. Коските во стапалата не растат, но хормоните од бременоста ги опуштаат лигаментите во нив, па коските се прошируваат. Ако ништо друго, барем имате изговор да си купите нов пар чевли.
Погледнете и кои се промените по породувањето за кои жените се срамат да зборуваат.