Сè што треба да знаете за маслото од коноп

Сè што треба да знаете за маслото од коноп

И покрај терапевтските придобивки од канабисот, сепак постојат премногу нејасни работи во врска со маслото од коноп. Важно е да се расчистат заблудите околу производите од канабис и да знаете кои се придобивките и недостатоците од неговата употреба.

Сè што треба да знаете за маслото од коноп

Предности и недостатоци

Канабисот постои илјадници години и се верува дека потекнува од Јужна или Централна Азија. Двата главни вида се канабис сатива и канабис индика. И двата вида содржат многу психоактивни и непсихоактивни супстанци. Сативата е позната по стимулирачкиот ментален ефект, додека индиката е позната по смирувачкиот ефект.

Изминатите неколку децении повеќето видови се одгледувани со цел да се зголеми нивото на главната психоактивна состојка – ТХЦ. Сепак, истражувачите стануваат сè позаинтересирани за медицинските придобивки на состојката канабидиол (ЦБД). Оваа состојка не е психоактивна, но се покажала како корисна во многу медицински случаи.

Разни видови масло од коноп

Разликувањето на канабисот и конопот може да биде навистина збунувачко. Постојат разни видови канабис сатива со разно количество ТХЦ и ЦБД. Сативата и конопот се ист вид, а разликата е во тоа што сативата со над 0,3% ТХЦ се смета за марихуана. Па, која е разлика помеѓу масло од коноп, масло од семе од коноп, ЦБД масло и масло од канабис?

1. Масло од коноп

Ова масло се добива од стеблото на конопот, најмногу поради состојката ЦБД. Легално, мора да има помалку од 0,3% ТХЦ.

2. Масло од семе од коноп

Ова масло се добива од семето на конопот. Нема или содржи многу малку ТХЦ или ЦБД и се користи за здравите масти во него.

3. ЦБД масло

Во државите каде што канабисот е легален, маслото се добива од канабис сатива или коноп и се прави од целото растение. Во државите каде што канабисот не е легален, маслото се прави од коноп, односно стеблото на растението.

4. Масло од канабис

Ова масло се добива од растението канабис сатива и може да содржи и ЦБД и TХЦ. Поради ова, не може да се купи во држави каде што канабисот не е легален. Покрај тоа, бидејќи маслото може да содржи повисоко количество ТХЦ, може да претставува проблем за луѓето кои не ги сакаат психоактивните ефекти од него.

Што е масло од коноп?

Како што споменавме, маслото од коноп се добива од стеблото на растението коноп. Процесот на екстракција вклучува користење растворувач со кој се одвојува маслото од стеблото. Постојат бројни растворувачи од кои сите имаат свои предности и недостатоци.

Методи на екстракција на масло од коноп

1. Јаглероден диоксид

Во овој метод конопот е изложен на гас со висок притисок и ниска температура со кој се изолираат и зачувуваат канабиноидите во маслото. Недостаток е тоа што процесот е бавен и многу скап.

2. Етанол

Оваа екстракција е безбедна и неотровна во мали количества. Главниот недостаток е тоа што со овој метод се уништува восокот од стеблото за кој многумина веруваат дека има здравствени придобивки.

3. Маслиново масло

Маслиновото масло е безбедно и не многу скапо. Проблемот е што не може да се направи во концентрат, па мора да се складира на темно и студено место.

4. Бутан и хексан

Овие растворувачи се одлични за екстракција на канабиноидите од конопот, но дел од нив остануваат и се потенцијално опасни за белите дробови.

Колку е безбедно маслото од коноп?

Бидејќи е потребно големо количество стебла за да се произведе маслото од коноп, постои ризик од контаминација од токсини кои ги има во растението. Ова е поради тоа што конопот има способност да ги повлекува токсините од почвата на која расте.

Употреба на масло од коноп

Маслото може да се консумира орално, да се нанесува локално или сублингвално, или да се пуши преку испарување. Испарувањето и сублингвалното нанесување имаат побрз ефект, додека на пилулите и продуктите за јадење им се потребни од 30 до 90 минути за да почнат да делуваат. Локално, маслото се нанесува директно на проблематичните места.

Придобивки од маслото од коноп

Кога станува збор за придобивките, најчесто се однесува за придобивките на ЦБД во маслото. Иако се потребни повеќе квалитетни истражувања, некои од досегашните се со неверојатни резултати.

1. Епилепсија

Маслото од коноп се користи кај пациенти со епилепсија со децении. Едно неодамнешно истражување покажало значително намалување на нападите по користење на медицински канабис збогатен со ЦБД. Во истражувањето 52% од испитаниците покажале намалување на 50% од нападите.

2. Анксиозност

Истражување од 2011-та година покажало значително намалување на анксиозноста кај испитаниците кои го користеле маслото.

3. Болка

Некои истражувања покажале намалување на болката со локално нанесување на маслото. Досегашните податоци покажуваат дека комбинацијата на ЦБД и ТХЦ е најефективна за болка.

4. Алцхајмерова болест

Мало истражување од 2014-та година покажало дека ЦБД го спречува развивањето на неспособноста за социјално распознавање, нешто што е честа појава кај пациентите со Алцхајмерова болест. Сепак, потребни се дополнителни истражувања за ова.

Како да го одберете вистинскиот продукт од коноп?

Постојат некои критериуми на кои треба да обрнете внимание:

  • Конопот треба да биде одгледан 100% органски со минимална изложеност на пестициди.
  • Маслото од коноп треба да биде добиено со јаглероден диоксид, етанол или маслиново масло. Ако одберете маслиново масло, чувајте го во темна и студена просторија.
  • Побарајте сертификат за анализа. На овој начин ќе го знаете хемискиот состав на маслото и присуството на штетни материи како тешки метали.

Дозирање на масло од коноп

Постојат неколку нешта кои треба да се земат предвид кога станува збор за дозирање на маслото.

1. Сите се различни

Секој човек реагира различно на разни дози ЦБД. Најдобро е да тестирате што ви одговара најмногу.

2. Почнете полека

Започнете со помала доза и постепено зголемувајте ја. Не заборавајте дека ако го внесувате орално потребни се 30 до 90 минути за да почне да делува.

3. Земете неколку мали дози во текот на денот

Распоредете ја дозата наместо целата да ја земете наеднаш.

4. Повеќе не е секогаш подобро

Понекогаш помалите дози имаат подобар ефект.

5. Консултирајте се со лекарот

Ова е особено важно ако сте бремени, ако доите или ако примате други лекови. ЦБД може да реагира со одредени лекарства.

Несакани ефекти од маслото од коноп

Иако се многу ретки, некои луѓе пријавиле несакани ефекти од употребата на масло од коноп. Најчести се низок крвен притисок, сува усна празнина, намалена способност за размислување и седација. Истражувањата на животни не покажале никакви токсични несакани ефекти од употребата на маслото. Сепак, бидејќи не постојат долгорочни истражувања на оваа тема, секогаш консултирајте се со вашиот лекар пред да почнете со употреба на масло од коноп.

Прочитајте нешто повеќе за здравствените придобивки од марихуаната.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар