Последното предупредување на Стивен Хокинг за човештвото
Стивен Хокинг почина во средата на 14-ти март. Иако тој не е повеќе на овој свет, не треба да го заборавиме знаењето што ни го пренел. И покрај тоа што Хокинг страдал од болест позната како АЛС (болест што го остави парализиран од неговите 20-ти години па сѐ до крајот на животот), тој постигнал огромен успех. Во неговата последна објава на Редит напишана во 2016 и во неколкуте интервјуа пред неговата смрт, Хокинг се обиде да нѐ предупреди за нешто што дефинитивно не треба да биде игнорирано. Вака гласи неговата објава на Reddit:
„Ако машините произведуваат сѐ што ни треба, резултатот ќе зависи од начинот на кој се дистрибуираат работите. Сите ќе можат да живеат луксузен живот, ако се подели богатството произведено од машините, или, пак, повеќето луѓе ќе станат екстремно сиромашни, доколку сопствениците на машините бидат против дистрибуција на богатството. Досега, се чини дека одиме накај втората можност, бидејќи технологијата поттикнува зголемена нерамноправност.“
Во последните неколку години, Хокинг силно верувал дека следните 200 години на Земјата ќе бидат од огромно значење за опстанокот на човештвото. Тој има изјавено дека многу е важно да ја населуваме вселената како што популацијата ќе расте, но и дека не треба да се уништиме себеси пред да ја откриеме или создадеме технологијата што ќе ни биде потребна за да стигнеме до вселената. Тој го открива неговото мислење во едно интервју направено пред неколку години:
„Ако можеме да одбегнеме катастрофа во наредните 2 века, нашиот вид ќе биде безбеден и ќе можеме да се населиме во вселената. Нашиот генетски код сѐ уште ги носи себичните и агресивни инстинкти кои ни овозможувале да преживееме во минатото. Ќе биде многу тешко да се одбегне катастрофа во следниве стотици години, а не, пак, во следните илјадници или милиони. Нашата единствена шанса за преживување е да не се потпираме единствено на планетата Земја, туку да се прошириме во вселената. Имаме направено значителен напредок во последните 100 години. Но, ако сакаме да ги доживееме следните стотици години, вселената е нашата иднина.“
Генерално, неговото предупредување гласи: „Напуштете ја Земјата или соочете се со изумирањето на човечкиот род“. Хокинг никогаш не престанал да го споменува населувањето на вселената. Во 2016 година, тој кажал дека „Човечката колонизација на другите планета не е веќе научна фантастика, туку може да стане научен факт.“ Тој цврсто верувал дека планетата што ја нарекуваме дом не е единствениот дом во којшто луѓето треба да се затвора. Хокинг повеќепати има изјавено дека мора да издржиме и да не се уништиме меѓусебно пред да стигнеме таму каде што одиме.
Ова е неговото последно предупредување за човештвото. Кога еден од најголемите светски умови толку често спомнува вакво нешто, би требало сериозно да ја сфатиме пораката. Хокинг беше голем генијалец и светот нема да биде ист без него. Неговите теории и истражувања имаат отклучено многу врати за нас и ќе продолжат да го прават истото и понатаму. Дали мислите дека ќе можеме да го направиме тоа што Хокинг смета дека треба да биде направено?
Во негова чест, прочитајте ги и следниве неверојатни цитати од Стивен Хокинг по кои засекогаш ќе го помниме.