10 ситуации во кои е добро да се обратите кај психолог
Кога ќе се спомне зборот „психолог“, првата асоцијација кај многумина е постоење проблем што не може да се реши на друг начин. Но тоа не е вистина. Иако луѓето често чекаат до последен момент за да се обратат за помош, многу психолошки здрави и цврсти луѓе посетуваат редовно психолози за да го негуваат своето ментално здравје. Па доколку сакате и вие да се подобрите, а се наоѓате во некоја од следниве ситуации, не одложувајте – посетата на психолог може да ви донесе само добро!
1. Кога не можете да пронајдете решение за моменталните животни околности во кои се наоѓате, чувствувате дека немате доволно поддршка од другите и сакате со некого низ разговор да дојдете до решение.
2. Кога чувствувате дека долго време сте нерасположени или незадоволни заради моменталните животни околности во кои се наоѓате.
3. Кога чувствувате бес, лутина или омраза или мислите дека никој не ве разбира.
4. Кога ве мачат проблеми кои не можете да ги споделите со никого, или за кои немате со кого да разговарате.
5. Кога чувствувате дека заради проблеми со текот на времето ви е сѐ потешко и потешко и дека заради тоа сте под интензивен стрес.
6. Кога не можете да заспиете лесно навечер, или ве мачи несоница, па се чувствувате исцрпено заради претераното размислување.
7. Кога чувствувате страв од иднината и сето она што таа го носи со себе.
8. Ако мислите дека не сте доволно сакани или немате добра комуникација со другите луѓе – членови од семејството, пријателите, партнерот.
9. Кога ќе почувствувате дека ви недостига самодоверба, вера во себе или се чувствувате несигурно.
10. Кога донесувате важни одлуки – Постојат голем број вообичаени животни ситуации и околности во кои не сме секогаш сигурни дали е исправно да постапиме на одреден начин или не можеме да се решиме каква одлука да донесеме. Советот од психолог тогаш може да ни помогне да сфатиме што е најдобро за нас, бидејќи некој во таа ситуација како објективен набљудувач од страна ги гледа работите пореално, и во разговор може да укаже на решенија за кои самите не сте биле свесни или не ги гледате моментално.
Доколку сакате да дознаете нешто повеќе на оваа тема, погледнете и кои се најчестите причини поради кои милениумците посетуваат терапии кај психолог.