3 знаци кои укажуваат дека веднаш мора да се тргнете од сонцето и горештините
Изложеноста на високи температури и екстремни горештини во текот на подолг временски период може да го доведе вашето тело во состојба на прегревање. Тоа значи дека телото повеќе нема да може само да се разлади и да ја врати својата температура во оптимална. Кога температурата на телото расте, се зголемува и забрзува протокот на крв во телото, повеќе се потиме и побрзо дишеме. На тој начин всушност телото се разладува. Меѓутоа, овој одбранбен механизам има и неуспеси.
Како резултат на регулирањето на телесната температура со потење, од организмот излегува голема количина на вода, а доколку не ја надополните со внесување течности, доаѓа до дехидрација која пак честопати доведува до несвестица во текот на екстремно топлите денови. Во продолжение прочитајте кои знаци упатуваат на тоа дека треба да се тргнете од сонцето и горештините и да побарате освежување во сенка.
1. Вртоглавица
Можеби би помислиле дека потењето е првиот знак за прегревање на телото, но топлината може да „удри“ во главата и во моментите кога не се потите. Високите температури прво влијаат на чувствителното ткиво во мозокот, па во состојба на прегревање на телото најверојатно прво ќе почувствувате лесна вртоглавица. Во тој случај веднаш испијте две до три чаши вода за да го надополните недостатокот на течности и да се освежите.
2. Нагло престанување на потењето
Обилното потење е нормална појава ако сте изложени на сонце и жештина. Треба да се загрижите доколку потењето во тие услови престане. Тоа значи дека телото е во сериозно дехидрирана состојба, односно ја губи способноста за регулација на телесната температура. Тогаш, исто така, е потребно веднаш да застанете под сенка, да внесете вода во организмот, а доколку сте во можност, и да ја соблечете целата облека која ја имате на себе и да легнете за вашето тело да „земе здив“.
3. Осип од горештините
Иако почесто се јавува кај децата, осипот предизвикан од горештините не е ретка појава и кај возрасните. До него доаѓа во моментот кога потните жлезди се блокираат, па потта останува под површината на кожата. Тогаш на неа се појавуваат мали црвени воспалени точки проследени со чувство на пецкање и боцкање. Додека траат екстремните горештини избирајте облека од проѕирни, лесни материјали, бидејќи тоа помага во спречувањето на осипот.
Доколку летните горештини го зафатиле и вашиот дом, погледнете неколку алтернативи како да преживеете без клима уред.