4 промени што треба да ги направите за да не се разочарувате од најблиските
Кога би живееле во совршен свет, сите наши врски со луѓето би биле стабилни, цврсти, коректни и никогаш не би биле разочарани. Ужасно е кога ќе се разочарате од некој близок. Меѓутоа, вистината е дека порано или подоцна ќе мора да се соочите со одредени разочарувања. Без разлика дали станува збор за родител, дете, пријател или партнер, големи се шансите дека тие некогаш ќе ве разочараат.
Тоа можеби ќе ве натера да посакате да ѝ ставите крај на врската со човекот кој ве разочарал или да се оддалечите од него, но не треба веднаш да се откажувате. Разочарувањата не се последица од непријателскиот однос или недостатокот на љубов, туку од неисполнетите очекувања. Најголемата штета настанува кога ќе им дозволите на разочарувањата да се зголемуваат и полека да ги трујат вашите односи. Па, како треба да се справите со разочарувањата пред да ги уништат вашите врски со најблиските? Експертите препорачуваат да ги применувате следниве 4 совети…
1. Покажете им на вашите блиски дека ги цените
Спротивно на разочарувањето е ценењето. За да можете да ги надминете разочарувањата, најпрво треба да се цените себеси и другите. Почнете така што ќе го цените она што се случило наместо да се фокусирате на она што не се случило. На пример, замислете си дека сте го замолиле партнерот да расчисти по вечерата и гледате дека тој само ја собрал масата и ги ставил садовите во лавабо. Наместо да се лутите поради тоа што партнерот не ги измил целосно садовите, фокусирајте се на тоа дека ја исчистил масата и ги тргнал остатоците од храната.
Ако гледате на позитивната страна на нештата, ќе ги забележите сите работи што вашиот партнер ги направил за да помогне, а тоа порано или подоцна ќе доведе до она што всушност сте го посакувале. Со други зборови, ситуацијата не е толку лоша. Ако управувате со вашите очекувања на ваков начин, ќе почнете повеќе да го цените партнерот и да бидете позадоволни во врската.
2. Намалете ги вашите очекувања
Намалете ги, но не се откажувајте целосно од нив. Понекогаш луѓето немаат никакви очекувања од луѓето кои ги сакаат за да ги одбегнат разочарувањата. Но, тоа е исто толку лошо колку и превисоките и нереалистични очекувања. Најлесно ќе можете да го балансирате ова ако се фокусирате на она „што го имате“, а не на она „што би требало да го имате“. Сконцентрирајте се на реалноста, а не на вашите фантазии и нема да бидете толку разочарани од животот. Немојте да очекувате дека вашите блиски ќе се однесуваат лошо и неодговорно со вас. Ваквиот начин на размислување воопшто нема да ви помогне.
3. Комуницирајте
Запрашајте се искрено: Дали отворено сте ги кажале вашите очекувања? Дали сте биле јасни? Дали ве чуле и разбрале? Дали се согласиле да го направат или да ви го дадат она што сте го побарале? Многу често, разочарувањата потекнуваат од недоразбирањата. На пример, ако сте му кажале на вашето дете да си ја среди собата, а тоа само го наместило креветот и ја здиплило облеката, вие ќе го обвините дека е мрзеливо. Во реалноста, вашето дете не можело да знае дека кога сте рекле „среди ја собата“ сте мислеле на тоа да избрише прашина и да ги организира книгите. Ако правилно ги изразите вашите очекувања, вашите блиски ќе можат многу полесно да ги исполнат.
4. Разберете дека не се сите како вас
Ова е многу важен чекор. Честопати очекуваме луѓето да постапат онака како што би постапиле ние. Вистината е ако вие знаете како да направите нешто, не значи дека и вашите блиски го можат истото и обратно. Вие можеби сте способни да направите совршен план за излегување со вашиот најдобар пријател со недели однапред, но тој можеби е поспонтан и не прави никакви планови. Сите имаат свои позитивни и негативни страни. Многу е важно да разберете дека не се сите исти. Ако очекувате од луѓето да го направат истото што и вие би го направило, разочарувањата се неизбежни.
Најголемата вистина е дека не можеме целосно да ги одбегнеме разочарувањата, бидејќи тие се неминовен дел од животот. Добрите вести се што можете да управувате со вашите очекувања така што нема да им дозволите на разочарувањата да завладеат со вашиот живот и ќе можете да изградите успешни и стабилни врски со вашите најблиски.
Прочитајте и кои се најголемите разочарувања во животот.