Најнова апликација која брои колку пати мажите ги прекинуваат жените во текот на разговорите
Станува збор за проблем кој се случува насекаде. На работното место, во баровите, во училниците… Прекинувањата од страна на мажите се толку чести, што жените дури и не ги забележуваат. Но, сега постои една нова алатка која може да смени сѐ! Станува збор за апликацијата Woman Interrupted која брои колку пати мажите ги прекинуваат жените во текот на секојдневните разговори.
Апликацијата стана достапна за симнување на iOS и Android уредите, вечерта на 8-ми март кога жените низ целиот свет протестираа за да се чуе нивниот глас. Главната цел на апликацијата е да го потенцира фактот дека честопати жените мораат да се борат за да го искажат нивното мислење во секојдневниот живот.
Апликацијата е креација на маркетинг агенцијата BETC која се надева дека ќе ја разбуди свеста за машките прекинувања на жените и притоа ќе ја промовира идејата за полова еднаквост.
„На прв поглед, ова делува како мал проблем, но тој е голем показател на половата нееднаквост на работните места и во општеството. Апликацијата ќе покаже дека прекинувањето е вистинско и алармантно“, изјавила Гал Барадас, основач на BETC.
Па, како функционира ова најново откритие? Апликацијата го користи микрофонот од телефонот за да ги слуша секојдневните разговори и притоа ги анализира гласовите за да одреди колку пати мажите ги прекинале жените. Вистина е дека овој принцип на работа малку ја загризува приватноста на паметните уреди, така што нормално е ако не сакате да ѝ овозможите на апликацијата да ве набљудува преку микрофонот на телефонот. Меѓутоа, BETC потенцира дека апликацијата нема да ги задржи добиените информации по извршената анализа.
„Ниту еден разговор нема да биде снимен и зачуван, сите информации автоматски преминуваат од глас во податоци“, гарантира апликацијата.
За да можете да ја користите, симнете ја апликацијата на вашиот мобилен телефон и пријавете се преку Фејсбук, Твитер или имејл. Апликацијата ќе побара информации поврзани со вашиот пол, земја на потекло и име. Потоа ќе треба да поминете низ тест за препознавање на гласот за да може микрофонот да ги распознава машките од женските гласовни фреквенции. BETC изјавил дека сите податоци што ќе бидат собрани од корисниците на апликацијата ќе бидат објавени онлајн со цел да се информираат луѓето за оваа негативна појава.
Мора да се признае дека припадниците на двата пола ги прекинуваат жените, но оваа апликација брои колку пати жените биле прекинати и колку пати биле прекинати од страна на мажи. Луѓето што ќе ја користат оваа апликација може да дојдат до шокантни откритија кои несомнено ќе ги поттикнат на размислување.
Погледнете го следново видео за да дознаете повеќе за апликацијата Woman Interrupted…