Како да изберете совршено име за вашето бебе?

Како да изберете совршено име за вашето бебе?

Името е составен дел од нашиот идентитет и обележје кое го носиме целиот наш живот, па затоа не е изненадување што младите родители посветуваат многу време и размислување на оваа важна и одговорна задача – изборот на име кое совршено ќе одговара на нивното новороденче.

1-ime-koe-zhivot-znachi-kako-da-izberete-sovrsheno-ime-za-vasheto-bebe-www.kafepauza.mk_

Постојат многу различни пристапи – можеби размислувате за традиционални имиња и оние кои се пренесуваат со генерации во вашето семејство, можеби повеќе ви се допаѓаат модерните и интернационалните имиња, а можеби и сакате името на вашето дете да има некое посебно значење, или едноставно да звучи убаво и да се согласува со презимето… Дури и кога ќе го сведете изборот на неколку омилени имиња, сѐ уште можете да бидете несигурни кое е она вистинското. Додека размислувате за тоа кое име да го изберете за вашето најмило, обидете се да ги земете предвид овие совети, бидејќи името трае за цел живот, а непријатноста е нешто кое сигурно не сакате да го има вашето дете секојпат кога ќе се претставува, потпишува или праќа пораки.

1. Одложете го тоа за последен момент

Ова можеби звучи контрадикторно, но најдобро е да не донесувате никаква одлука сѐ додека не се роди бебето. Дури во оној момент кога бебето ќе се роди и кога ќе можете да го запознаете и погледнете во очи, родителството ќе стане реално и опипливо. Има многу родители кои во тој момент добиле инспирација и се одлучиле за она име за кое претходно воопшто не размислувале.

2. Откријте го името што најмногу ви се допаѓа на сакана личност

Откријте го името кое најмногу ви се допаднало на личноста која одлично ве познава и чие мислење ќе го цените (исклучувајќи го вашиот партнер, кому сите имиња од листата му се веќе добро познати). Од оваа одлука исклучите ги и вашите родители, кои најверојатно најдобро ве познаваат, но за кои овој разговор би носел премногу емоции, па не би биле објективни. Мислењето на вашиот брат, сестра или најдобра пријателка може да биде од голема помош и ќе ве натераат да го преиспитате или да го потврдите вашиот избор. Понекогаш е доволно само да ја погледнете брзата, моментална реакција на саканата личност на која ѝ верувате за да ја донесете вистинската одлука. А после тоа, секако, побрзајте дома и споделете ги впечатоците со вашиот партнер.

3. Убедете го сопругот дека вашиот избор е вистинскиот

Вие и вашиот партнер сте се нашле на слепа улица. Нему му се допаѓа името Елена, а вам Ангела. Во критичниот момент на дебатата извадете го вашиот најголем адут на маса и кажете: „Те сакам душо, но јас го носам бебето во мојот стомак и јас ќе го родам, па би било фер јас да ја донесам конечната одлука.“ Можеби не е фер да играте на таа карта, но додека вашиот избор на име не му е целосно одбивен, вреди да се обидете.

4. Често изговарајте ги имињата на глас

Испробајте ги омилените имиња на неколку дена, за да видите како звучат. Изговарањето на имињата на глас може многу да влијае на вашата конечна одлука. Ви се допаѓаат имињата Марко или Петар? Обраќајте му се на стомакот во текот на следните 2 дена со Марко, потоа уште 2 дена со Петар, и ќе ја забележите разликата, бидејќи едното име ќе ви звучи поубаво. Вклучувајте ги имињата во секојдневните разговори. На пример: „Што мислиш, дали на Марко повеќе ќе му се допаѓа жолто или сино бојадисана соба?“ или „Што мислиш, дали Петар ќе биде астронаут или писател кога ќе порасне?“ На овој начин ќе откриете кој избор ви изгледа поприроден и кој повеќе ќе одговара на вашиот личен животен стил.

2-ime-koe-zhivot-znachi-kako-da-izberete-sovrsheno-ime-za-vasheto-bebe-www.kafepauza.mk_

5. Запишете ги

Запишете ги имињата кои влегле во потесен избор со презимето на бебето за да видете како ќе изгледа. Дали ви се допаѓа? Дали заедно со презимето изгледа предолго? Дали можеби не е доволно уникатно? Кога ќе го погледнете целосно испишаното име и презиме на лист хартија, тоа ќе ги трансформира вашите опции од теоретското поле на конкретното и специфичното.

6. Направете забава со повод избор на име

Имате три или четири имиња кои навистина ви се допаѓаат вам и на вашиот партнер. Повикајте ги блиските пријатели на забава, кажете им кои се опциите и организирајте гласање. Направете го тоа на забавен начин, па претворете го гласањето во голем спектакл со кутија во која ќе се ставаат гласовите и оставете ги пријателите да ве извлечат од слепата улица. Проблемот брзо ќе биде решен.

7. Изберете име кое секогаш ќе ви измамува насмевка на лицето

Некои експерти тврдат дека треба да ги исфрлите силните листи и размислувања за претенциозни имиња кои совршено ќе одговараат и дека едноставно треба да се опуштите и да погледнете длабоко во вашата душа. Затворете ги очите и размислувајте за тоа. Кои име навистина многу го сакате? Изберете го она име кое секојпат кога ќе помислите на него или кога ќе го изговорите ќе ви измами насмевка на лицето. Ако името толку многу ви се допаѓа сега, верувајте, еднаш кога детето ќе се роди и му го доделите тоа име, ќе ви се допаѓа уште повеќе.

8. Вклучете мислење од експерт за вашиот избор

Сакате да бидете потполно сигурни дека сте го направиле вистинскиот избор? Ослободете се од притисокот од тој избор и обратете се кај експерт. Во денешно време постои цела низа автори и книги кои се занимаваат со ова тема и кои може да ви бидат од голема помош. Можеби едноставно досега сте немале вистински пристап кон целата ситуација. Во тој случај најдобро е да отидете во книжарница или библиотека и да прашате за препорака, а потоа да започнете да читате. Можеби новиот пристап ќе ви помогне да се изборите со ситуацијата.

4-ime-koe-zhivot-znachi-kako-da-izberete-sovrsheno-ime-za-vasheto-bebe-www.kafepauza.mk_

9. Организирајте онлајн гласање

Би сакале да слушнете уште нечие мислење, но за оваа прашање не сакате да ги прашате блиските пријатели и роднини? Организирајте онлајн гласање или направете анкета за изборот на имиња за бебе. Ставете ги во анкетата имињата кои влегле во потесен избор и прашајте за коментари и одговори. Можеби мислењето на луѓето кои не ги познавате ќе ви бидат од голема помош.

10. Дозволете традицијата да ја однесе победата над трендовите

Дали сте ја надминале идејата дека имињата треба да бидат максимално уникатни и посебни? Тогаш отфрлете ги трендовите, бидете традиционални и изберете семејно име за вашето дете. Ваквото име ќе има посебно емоционално значење за целото семејство, а особено за вас како родители.

11. Како да ја решите дилемата помеѓу две имиња

Вашиот список се свел на само две имиња, и двете ви се подеднакво драги, па ви е доста тешко да се одлучите кое е вистинското. Размислувајте за тоа на поразличен начин – едното име ќе го употребите сега, а другото за второто дете (под услов да биде од истиот пол). Така ниту едно од тие две имиња нема да биде отфрлено, а и вториот пат нема да морате да се грижите околу изборот, па ќе ви биде доста полесно.

На следната страница дознајте кои замки се кријат при изборот на името и како успешно да ги надминете.

А ако сè уште не сте ни почнале да размислувате за имиња или пак, сакате да погледнете нови идеи, погледнете ја оваа листа од машки и женски имиња од македонско и црковно потекло.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Комуникативна, весела, оптимистички настроена. Обожава книги, музика, филм и приказни кои инспирираат. Сака да пие кафе, па макар и сама. Верува во себе и во своите можности, бидејќи кој не се обидел - не успеал!

Поврзани содржини

Остави коментар