Патот до срцето на мажот е преку стомакот: Вкусни десерти за Денот на вљубените

Патот до срцето на мажот е преку стомакот: Вкусни десерти за Денот на вљубените

Денот на вљубените, како што самото име си кажува, е ден на кој се слави љубовта. Имајќи го тоа на ум, зарем има подобар начин да се прослави овој убав ден од подготовката и потоа уживањето во слатки десерти? Сигурно и вие би се согласиле дека корелацијата помеѓу Денот на вљубените и вкусните десерти е сосема оправдана! Па, доколку сте во потрага по оригинален подарок со кој ќе го израдувате вашиот партнер на 14 февруари, тогаш ние ви предлагаме тоа да бидат вкусни колачи на кои нема да остане рамнодушен. Запомнете, патот до машкото срце е преку неговиот стомак!

Чоколадни мафини со вишна

Ако чоколадата се сложува добро со нешто, тогаш тоа дефинитивно се вишните. Затоа, овој десерт е сосема соодветен за повторно освојување на неговото срце!

Потребни состојки за мафините:
  • 2 лажици растително масло
  • 6 лажици несолен омекнат путер
  • 100 грама бел шеќер
  • 100 грама кафеав шеќер
  • 2 јајца
  • 2 лажички екстракт од ванила
  • 130 грама брашно
  • 6 лажици какaо во прав
  • 1/2 лажичка сода бикарбона
  • 1/4 лажица прашок за печиво
  • 1/4 лажичка сол
  • 170 милилитри млеко
  • 150 грама слатко од вишни
Потребни состојки за глазурата:
  • 230 грама несолен омекнат путер
  • 360 грама шеќер
  • 2 лажички павлака
  • 70 грама слатко од вишна
Начин на подготовка:

Загрејте ја рерната на 180 степени, а тавата за мафини обложете ја со хартија за печење. Во голем сад изматете ги маслото, путерот и шеќерот. Мешајте сѐ додека смесата не стане воздушеста. Додајте ги јајцата, едно по едно, и измешајте добро, а потоа додајте го и екстрактот од ванила. Во друг сад измешајте ги брашното, какаото, сода бикарбоната, прашокот за печиво и солта.

Постепено додавајте ја оваа мешавина во претходната и мешајте додека целата не се соедини. Со оваа смеса наполнете ја тавата и печете од 15 до 20 минути. Извадете ги мафините од тавата и оставете ги да се изладат. Потоа, со помош на нож или со шприц за шлаг внимателно направете длабнатина и пополнете ја со вишни. Изматете ја глазурата од путер, шеќер и павлака, и премачкајте ги мафините, а потоа украсете ги со вишни.

Совет: За да проверите дали мафините се добро испечени, забодете една чепкалка за заби во нив и доколку по нејзиното извлекување таа е чиста, тогаш мафините се готови.

Тортички со јагоди

2-neka-povtorno-se-zaljubi-vo-vas-vkusni-deserti-idealni-za-denot-na-vljubenite-www.kafepauza.mk_

Доколку вие и вашиот партнер не сте љубители на вишните, тогаш ви предлагаме друг вкусен чоколаден десерт кој вклучува одлична замена за нив – јагоди!

Потребни состојки за тортичката:
  • 115 грама путер
  • 250 грама искршено чоколадо
  • 100 грама шеќер
  • 2 јајца
  • 1 лажичка екстракт од ванила
  • 60 грама брашно
  • 1 лажичка прашок за печиво
  • 1/4 лажичка сол
  • Околу половина килограм исечкани јагоди
Потребни состојки за глазурата:
  • Околу 250 грама искршено чоколадо
Начин на подготовка:

На слаб оган стопете го чоколадото и путерот и оставете да се излади. Изматете ги јајцата и шеќерот, а одделно измешајте ги брашното, прашокот за печиво и солта. Смесата од путер и чоколадо измешајте ја со онаа од јајца и шеќер, а на крај додајте ја сместа со брашно.

Сипете го тестото во подмачкана тава и печете од 20 до 25 минути во рерна која претходно е загреана на 180 степени. Истиот трик со чепкалката за заби помага и во овој случај. Посипете ги исечканите јагоди врз колачот, а остатокот од чоколадото истопете го и прелијте го врз нив. Колачот мора да се излади од половина до еден час пред сервирање. Уживајте!

Колач во чаша со шампањ

Верувале или не, можете да приготвите вкусен десерт и без чоколада! Можеби овој е и највкусен, бидејќи вклучува шампањ!

Потребни состојки за сирупот:
  • 4 лажици шампањ (розовиот е одличен избор)
  • 1 лажичка шеќер
Потребни состојки за колачот:
  • 4 лажици брашно
  • 1/4 лажица прашок за печиво
  • 1 лажица шеќер
  • 2 лажици млеко со низок процент на млечни масти
  • 2 лажички сируп од шампањ (кој претходно го приготвивте)
  • 1/2 лажичка растително масло
  • 1-2 капки розова боја за храна
Потребни состојки за глазурата:
  • 170 грама слатка павлака
  • 1 лажичка шампањ
  • 2 лажички шеќер
  • 1-2 капки розова боја за храна
Начин на подготовка:

Во мал сад пригответе го сирупот, измешајте го шампањот и шеќерот, а потоа гответе додека не зоврие на слаб оган. Подготовката на сирупот трае околу 3 минути, а смесата би требало да се намали и згусне, во однос на почетниот изглед.

На ред е колачот. Измешајте ги сите состојки и печете во микробранова печка на највисоката температура, околу 1 минути.

Кога станува збор за глазурата, помешајте ги сите состојки и добро изматете ги со миксер. Пред да го полиете колачот со глазурата, оставете го да се излади.

Совет плус: Колачот е повкусен доколку се послужи додека е топол!


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Комуникативна, весела, оптимистички настроена. Обожава книги, музика, филм и приказни кои инспирираат. Сака да пие кафе, па макар и сама. Верува во себе и во своите можности, бидејќи кој не се обидел - не успеал!

Поврзани содржини

Остави коментар