8 утрински навики за попродуктивен ден

8 утрински навики за попродуктивен ден

Голем број луѓе често забораваат дека клучот за вистински успешен ден се наоѓа токму во раните утра. Можеби ќе ви звучи како клише, но наутро треба да се подготвите за успехот што сакате да го постигнете во текот на денот. Подготовката почнува од моментот кога ги отворате очите. Можеби често сте си помислиле дека не успевате да завршите поголем дел од обврските кои си ги поставувате? Дали некогаш сте размислиле да ја поставите вашата продуктивност на едно повисоко ниво? Тоа значи дека треба да ја подобрите вашата утринска рутина и верувајте, не е толку тешко, колку што си мислите. Постојат 8 работи кои можете да ги правите секое утро за попродуктивен ден.

(1) 8 утрински навики за попродуктивен ден

1. Легнувајте си секоја вечер во исто време

Оваа навика е многу корисна, но денес сè помалку луѓе ја практикуваат. Социјалните мрежи, телевизијата, сериите… Сето тоа ни го одвлекува вниманието, па многу често знаеме да „заглавиме“ до доцна во ноќта. Но, навиката да си легнуваме во исто време и да спиеме од 7 до 8 часа ни помага да ги одмориме нашето тело и мозок и да се подготвиме за утрешниот ден. Нашиот мозок се одмора кога е во длабок сон, па затоа легнувајте си во исто време и наутро ќе бидете свежи и подготвени за акција.

2. Местете го креветот веднаш по станувањето

Иако наутро сè уште сте сонливи, потрудете се да ја проветрите собата и да си го наместите креветот. Местењето на креветот е првата продуктивна работа којашто сте ја направиле во новиот ден, а по неа го отворате патот и на другите работи. Тоа ќе ви даде одредено чувство на гордост дека сте направиле нешто позитивно и ќе ве охрабри да продолжите храбро кон другите обврски кои ве чекаат во текот на денот.

3. Медитирајте неколку минути пред да почнете со активностите

Понекогаш е добро да избегате од целата утринска рутина и да си дадете мала оддишка. Затоа, потрудете се секое утро, пред да започнете со брзиот ден, да издвоите по 3 минути за себе. Пуштете си ја омилената музика, сконцентрирајте се на дишењето и смирете го умот. Оваа навика ќе ви помогне да се наполните со позитивна енергија и да се свртите кон себе, што во текот на денот ќе ви даде една смиреност и способност да се справите со стресните моменти.

4. Туширајте се наутро

Постои долгогодишна дебата дали е подобро да се тушираме наутро или навечер. Секој ќе ви одговори различно, воден од личното искуство, но утринското туширање претставува посебен ритуал, сличен на медитацијата. Додека се туширате можете да размислувате за сите нешта кои ве чекаат во текот на денот, а многу често, свежината од водата, може да ви донесе нови идеи и да ви ја зголеми креативноста.

(2) 8 утрински навики за попродуктивен ден

5. Развијте брзи и ефективни подготовки

Кога станува збор за самите подготовки, потрудете се тие да бидат едноставни, ефикасни и да следат некаков распоред. Особено внимавајте на хигиената на лицето и секако очилата или контактните леќи, доколку ги носите. Секој човек си има свои ритуали при одржувањето на хигиената, но потрудете се тие да не ви одземаат многу време, туку да ги правите брзо, за да имате време за останатите работи на кои треба да се сконцентрирате.

6. Вежбајте барем 2 минути

Утринските вежби се здрави за вашето тело, но добро ќе му дојдат и на вашиот ум. Тие ќе ве размрдаат и ќе ви го подобрат расположението. Вежбањето рано наутро не е едноставна задача, но можете да најдете неколку едноставни вежби кои ќе ги практикувате секој ден, а резултатите веднаш ќе ги забележите.

7. Ставете кокосово масло во кафето

Кокосовото масло е многу здраво и вкусно, затоа доколку имате можност, потрудете се во вашето утринско кафе да ставите малку кокосово. Покрај тоа што има неверојатен мирис и вкус, маслото ќе ви помогне во намалувањето на апетитот до времето за ручек.

8. Издвојте 5 минути за утринскиот дневник

Можеби звучи здодевно, но сепак ова е едноставна пракса, која брзо може да ви прерасне во секојдневна навика. Додека го пиете кафето, отворете го вашиот тефтер и запишете неколку реченици, позитивни мисли, идеи, запишете на кои нешта сте благодарни, што сакате да ви се случи во денот кој следува. Преточувајќи ги вашите мисли на лист хартија, всушност им давате поголемо значење и некаков облик, а тоа ќе ви даде поголем поттик да ги постигнете.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Книжевник, новинар, сонувач... Го обожува утринското кафе без шеќер. Верува дека убавите нешта се кријат во мали и едноставни пакувања.

Поврзани содржини

Остави коментар