19 години без Тоше Проески: Генерацијата што порасна со неговите песни сè уште ги пее

Сподели

Има луѓе кои не заминуваат, иако ги нема. Денеска се навршуваат 19 години од 16 октомври 2007 година, кога Тоше Проески загина во сообраќајна несреќа во Хрватска, на само 26 години. Вестта тоа утро го запре цел регион – а неговите песни, деветнаесет години подоцна, сè уште се пеат како да се напишани вчера.

Песните со кои порасна една генерација

Ако сте биле тинејџер во почетокот на двеилјадитите, Тоше бил саундтрак на вашата младост. „Тајно моја“ ја посветувавме на првите љубови. Со „Чија си“ се гордеевме бидејќи момчето од Крушево почна да го освојува Балканот. На „Громови на душа“ вриштевме на концертите, а на „Игри без граници“ и денес секогаш ќе се најежиме.

Реклама

Тоше беше роден на 25 јануари 1981 година во Прилеп, а растеше во Крушево – градот со кој засекогаш остана поврзан. Во 2004 година ја претставуваше Македонија на Евровизија со песната „Life“, а неговиот глас и енергија го однесоа далеку надвор од границите на државата.

Човекот зад гласот

Она што Тоше го направи поинаков од многу ѕвезди не беше само гласот. Беше регионален амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ, одеше таму каде што имаше потреба, помагаше без да бара камери и зборуваше со секого како да се познаваат со години. Затоа и денес луѓето не го паметат само како пејач, туку како човек.

Реклама

Неговите колеги го паметат исто така. Јелена Карлеуша, во првата епизода од нашата серија „Кафе со…“, зборуваше за него со почит и топлина: „Беше премногу совршен за овој свет.“ Тоше, откри таа, бил роден на истиот ден како нејзината мајка.

Крушево, 19 години подоцна

Секоја година на овој ден илјадници луѓе од Македонија и од регионот доаѓаат во Крушево, во Спомен-куќата посветена на него, и на неговиот гроб. Носат цвеќе, палат свеќи и пуштаат песни – некои од нив не биле ни родени кога Тоше заминал, но ги знаат сите стихови.

Можеби токму тоа е најголемото нешто што еден уметник може да го остави: песни кои продолжуваат да живеат и тогаш кога нема кој да ги пее на сцена. Тоше ги остави своите песни, својата хуманост и своите дела – вечно да сведочат за него.

Најново

Може ќе ве интересира