10 знаци дека вашиот љубовен партнер манипулира со вас

10 знаци дека вашиот љубовен партнер манипулира со вас

Ви се случило ли некогаш да сте со партнер кој толку ви влегол во глава што одеднаш сте сфатиле дека правите работи против ваша волја? Веројатноста е дека си имате работа со голем манипулатор. Манипулацијата во врската е сериозен проблем бидејќи е многу подмолна. Вистинските манипулатори знаат како да ги испревртат вашите зборови и дела на тој начин што ќе направат како секоја нивна грешка да е ваша вина. Ќе чувствувате како да го губите разумот, како да немате контрола врз вашите мисли, чувства и дела. И ова може да трае засекогаш или сè додека не се свестите што навистина се случува. Ова се 10-те знаци кои ќе ви помогнат да сфатите кога вашиот партнер се обидува да манипулира со вас…

10 знаци дека партнерот ве манипулира во љубовната врска

1. Очигледна манипулација

Лесно е да се препознае овој вид манипулација бидејќи не е толку суптилна. На пример, вашиот партнер ве прашува дали сакате да го измиете неговиот автомобил. Вие не сакате и сакате да кажете „не“, но тој со неговиот поглед и тонот на гласот навестува дека подобро е да го сторите тоа за да не се случи нешто лошо. Па, за да избегнете расправија велите дека би сакале и навистина го правите тоа. Оваа личност се заканува со насилство за да ве контролира и за да се согласите на нешто што не сакате. Подоцна може да ви кажат „Па, не мораше да го направиш тоа. Можеше да кажеш не“. Ова е подмолно и злобно.

Решение: Едноставно почнете да велите „не“ и навистина да го мислите тоа без оглед на последиците. Ако не можете да кажете „не“ затоа што се плашите за вашата безбедност, немате друг избор освен да излезете од оваа врска!

2. Живеете во неговиот живот

Манипулацијата е начин да се воспостави контрола. Размислете малку каде живеете, каде излегувате, со кои пријатели се дружите… Дали се работи само за омилените места на вашиот партнер? Дали живеете во светот на вашиот партнер, но тој не живее во вашиот? Ова може да е тактика со цел да ве контролира. Полесно е некој да ве контролира кога не ви е пријатно во околината.

Решение: Воспоставете некаква рамнотежа. И двајцата одлучувајте за местата на кои излегувате и за луѓето со кои се дружите. Поминувајте го времето така што и двајцата ќе се чувствувате пријатно. Мора да постои рамноправност во врската.

3. Емоционално допира до вас

Да речеме на пример дека вашиот партнер нашол маче. Нормално би било тој да ве праша што мислите за тоа да чувате маче, дали би можеле да си го дозволите тоа и дали воопшто би сакале. Но, ако тој сака да ве манипулира ќе проба да допре до вашето срце и да направи да се чувствувате како лоша личност ако кажете „не“. Тој постојано ќе ви вели: „Види му ги очињата! Нема каде да живее! Сакаш да го оставиме само да умре на улица? Имаш ли ти срце воопшто?“.

Решение: Не дозволувајте некој да направи да се чувствувате како лоша личност секогаш кога донесувате одлука за нешто. Наместо да попуштите, понудете друго решение за проблемот.

10 знаци дека партнерот ве манипулира во љубовната врска

4. Ја доведува до прашање вашата љубов кон него

Ова е најлошиот вид манипулација. Таа постојано бара од вас да ја докажувате вашата љубов одново и одново со тоа што ќе ги исполнувате сите желби на партнерот. Ако ги чуете зборовите „Ако навистина ме сакаш, ќе се премислиш околу идејата да имаме деца“, тој на овој начин се обидува да направи да се чувствувате виновни или засрамени ако не направите нешто.

Решение: Докажете ја вашата љубов на поинаков начин и смирете ја неговата реакција. Кажете нешто во стилот „Сè уште можам да те сакам со целото мое срце и без да имаме деца“.

5. Емоционална уцена

Оваа форма на манипулација може да биде обична, но и многу драматична. Може да ги чуете зборовите „Не можам да живеам без тебе“ или „Ако ме оставиш, ќе се самоубијам“. Ова е тактика со цел да почувствувате страв, вина и одговорност. Навистина би сакале да останете во врска со партнер кој се заканува дека би се убил? Животот на ниту едно човечко битие не треба да е ваша одговорност.

Решение: Не паѓајте на ова. Речиси секогаш станува збор за манипулација, а не за вистинска закана. За секој случај, можете да кажете нешто како „Ако имаш самоубиствени намери, ќе викнам полиција или брза помош, но јас нема да си имам работа со тоа“. Звучи сурово, но тоа е најдоброто решение, како за вас, така и за него.

6. Се преправа дека е жртва

Што и да се случило, каква и да била караницата, кој згрешил, кој што кажал, на крајот вашиот партнер е тој со скршено срце и не може да поверува дека сте можеле толку да го повредите. Дури и кога вашиот партнер е тој што згрешил, вие секогаш се извинувате. Вашиот партнер е секогаш повреден, беспомошен и потребно му е дополнително внимание и љубов.

Решение: Извинете се само за она што сметате дека треба да се извините. Кажете нешто во стилот на „Извини што те вознемирив и што го повишив гласот, немаше потреба за тоа. Но, нема да се извинам за тоа што ти го направи.“ Бидете подготвени да се соочите со крокодилски солзи.

7. Си игра со вашиот разум

Овој начин на манипулација ќе направи да се чувствувате како да го губите разумот. Вашиот партнер постојано се преправа дека не кажал некои работи, дека вие не сте кажале нешто, изостава информации, ја превртува вистината, го менува минатото и на тој начин прави да мислите дека сте заборавиле некои работи. На крајот ќе почнете да верувате дека не можете да си верувате самите себеси, па мора да зависите од партнерот.

Решение: Прекинете ја врската. Оваа манипулација е многу сериозна и може да остави долготрајни последици.

8. Му станува лошо секогаш кога не е по негово

Дали на вашиот партнер му станува лошо секогаш кога не е по негово? Ова е форма на манипулација дури и кога навистина му е лошо. На пример, секогаш кога треба да разговарате за нешто сериозно, тој чувствува дека ќе се онесвести. Не сака да одите негде, па одеднаш и вие не можете да отидете затоа што треба да останете со него и да му помагате со неговата анксиозност (која магично исчезнува откако ќе се согласите да останете дома). Не може да ви помогне со домашните обврски затоа што има главоболка или е уморен. На овој начин тој измислува дека не му е добро за да ви падне жал и да му посветите повеќе внимание.

Решение: Ова не е здрава врска и можеби треба да размислите да ја прекинете. Немојте да се грижите дали тој ќе биде добро ако не му посветите внимание. Веројатноста е дека нема ништо да му биде.

10 знаци дека партнерот ве манипулира во љубовната врска

9. Тој е смирен и прибран

Кога нешто лошо ќе се случи, сте се скарале и владее општ хаос, дали вашиот партнер е претерано смирен? Тука може да се работи за манипулација со цел да се чувствувате како да претерувате. На овој начин тој сака да ве направи несигурни во сопствените емоционални реакции. Тој одредува кога некоја ситуација е соодветна за емоционална реакција. На крајот вие делувате драматично и глупаво, само затоа што тој е премногу смирен. Тој може да се обиде дури и да ја доведе вашата зрелост и рационалност во прашање.

Решение: Единственото нешто што можете да го направите во моментот е да го следите вашиот инстинкт и да реагирате онака како што мислите дека треба, без да се сомневате дали тоа е правилно.

10. Секогаш се шегува

Дали тој ве навредува и критикува и потоа ви вели дека само се шегувал? На крајот испаѓа дека вие самите сте виновни што сте се вознемириле бидејќи не знаете да прифатите шега. Без разлика колку тој бил суров, вие секогаш сте пречувствителни и ја уништувате целата забава. На овој начин тој сака да ве омаловажи без да преземе одговорност за истото.

Решение: Не грижете се за тоа дали ќе бидете наречени уништувач на забави. Можеби не сакате секогаш да бидете доживувани како пресериозни и пречувствителни, но многу е важно да се спротивставите на партнерот. Дури и ако манипулаторот се обиде да ве засрами поради тоа, не отстапувајте од вашиот став.

Колку подобро знаете да ги препознаете формите на манипулација, толку полесно ќе можете да ги спречите. Но, доколку си имате работа со вистински манипулатор, најдобро е едноставно да ја прекинете врската и да продолжите понатаму.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар