Едноставни, а истовремено и шик модни комбинации за оваа пролет
Кога во пролетта сè ќе расцвета и заблеска, тогаш зошто и вие да не сјаете во вашите нови пролетни комбинации? Комбинациите кои се составени од едноставни дневни парчиња, а имаат занимливи дезени, се сосема доволни за да изгледате шик модерно. Понекогаш кога многу повеќе се обидувате да изгледате убаво, но не премногу елегантно, токму тогаш одите во крајност и добивате аутфит кој е со многу повеќе детали, непотребни украси и погрешени комбинации. Затоа не обидувајте се премногу додека ги спојувате парчињата, туку обидете се да се фокусирате на две основни парчиња, а еден од нив нека привлекува малку поголемо внимание, односно да ја води целата модна приказна. Затоа ние подготвивме неколку едноставни, шик модни комбинации кои може да ви послужат како инспирација за оваа пролет.
1. Покажете ги вашите рамена
Блузите кои се спуштаат преку рамената се одлично дневно парче кое може и наједноставната комбинација да ја подигне на повисоко ниво. Со топлите денови е пожелно да покажете и малку повеќе кожа, а овој модел на блузи е одличен пример за тоа. Доколку не сте сигурни во себе за да обуете кратко здолниште или блуза со деколте, секогаш можете да ги откриете рамената. Овој дел од телото изгледа предизвикувачки, па дури иако сте добиле некое кило во текот на зимата. За да направите одличен баланс помеѓу горниот и долен дел, најдобро би било заедно со оваа блуза да облечете „конзервативно“ парче облека, како што се пантолоните или здолништето со средна должина.
2. Носете го сонцето со вас
За време на сончевите денови идеално би било малку да ја разведрите палетата на бои во својата гардероба, а тоа најдобро ќе го постигнете со тоа што ќе ја додадете жолтата боја во своите комбинации. Можете да облечете нешто жолто во горниот дел, како блуза или кошула, но исто така и долниот дел би изгледал одлично во оваа весела боја, па така немојте да се плашите да облечете жолти пантолони или жолто здолниште. Кога ќе се јави дилемата како да ги споите жолтите парчиња со останатите бои, тогаш е најдобро да имате еден жолт фустан и да не си правите додатни проблеми на себе. Секако ќе изгледате софистицирано со малку жолта боја во своите модни комбинации за оваа пролет.
3. Сено и слама
Кога сонцето ќе го заземе својот трон, дури и во пролетните денови, може да се каже дека знае прилично да загрее, а тогаш веќе ви се потребни детали кои ќе ве заштитат од штетното зрачење. Шеширите од слама се совршени за овој период од годината, а секоја комбинација може додатно да ја освежат. Како и добрите очила за сонце, така и шеширите претставуваат аксесоар кој е убав и корисен.