Надреалистички човечки скулптури во првиот подводен музеј во Европа
14 метри под Атлантскиот океан се наоѓа неверојатниот „Museo Atlantico“, односно првиот подводен музеј на модерна уметност во Европа каде артистот Џејсон ДеКаирес Тејлор ја создал првата серија скулптури кои стојат на океанското дно. Џејсон е познат по тоа што неговата работа често ги отсликува денешните општествени проблеми, па така овој негов проект ја опишува актуелната ситуација со бегалците.
Музејот се наоѓа на островот Ланзарот и опфаќа две одделни, надреалистички скулптурни инсталации кои изгледаат како да застанале во времето. Во првата инсталација, наречена „Рубикон“, група од 35 луѓе полека чекорат кон една капија. Овие фигури непрекинато се движат кон непознатото и го претставуваат местото и моментот од кои нема враќање. Втората инсталација на Џејсон, насловена „Сплавот на Лампедуза“, ја претставува моменталната хуманитарна криза во Сирија. Морничаво реални, фигурите се претставени како чекаат помош и спас на брод.
„Делата не се наменети како меморијал за многуте луѓе кои ги загубија своите животи, туку како суров потсетник на колективната одговорност на нашата глобална заедница“, вели Џејсон.
Тој црпи инспирација од историјата на уметноста која ја зема и како основа за неговата работа, посочувајќи на уметничките дела на францускиот сликар Теодор Жерико, поконкретно на неговата позната слика „Сплавот Медуза“.