Со цимет до посветла коса за неколку нијанси
Циметот не е само здрав зачин, туку е и сигурна алтернатива на комерцијалните хемиски средства за осветлување на косата. Тој не само што ќе ви помогне да ја осветлите вашата коса, туку и ќе ја направи сјајна, мека и свилена на допир. Да не заборавиме и на нејзината миризба, која ќе биде неверојатна. Со користење на маската за коса од цимет, вие можете и да ги зајакнете фоликулите на влакната, како и да го забрзате растот на косата. Циметот е уникатен природен производ со богати својства, од кои најмногу изобилува со витамини и антиоксиданси.
Најдобар ефект се постигнува при осветлување на русата коса, каде што со само еден третман вие можете да ја осветлите и до 3 нијанси. Бринетите мора да бидат потрпеливи и да ја повторат процедурата неколку пати. Понекогаш се случува и да не се добијат резултати, но тоа е ретко и најчесто зависи од структурата и бојата на самата коса. Во секој случај, никогаш не штети да се обидете. По употребата на маската, вашата коса без сомнение ќе добие мека и свилена текстура, како и живост.
За оваа маска ќе ви бидат потребни:
- 3 лажици мед
- 3 лажици цимет
- 5-6 лажици балсам за коса
Количината на овие состојки е прилагодена за една употреба врз долга коса. За коса со средна должина (до рамена) преполовете ги количините.
Постапка:
Во стаклен или пластичен сад измешајте го медот и циметот. Мешајте полека, со цел тие убаво да се соединат. Кога ќе добиете целосно комбинирана смеса, додајте го и балсамот (регенератор) за коса. Повторно добро измешајте.
Измијте ја косата на вообичаениот начин. Кога таа малку ќе се засуши, исчешлајте ја со широк чешел и поделете ја на прамени. Нанесете ја смесата на косата со четка за фарбање, внимавајќи темелно да го поминете секој прамен. Доколку сакате можете и целата смеса да ја нанесете одеднаш и со рацете да ја разнесете насекаде. Внимавајте да не го допрете вашето лице бидејќи можете да предизвикате благо црвенило и иритација. Исто така немојте да ја триете смесата врз скалпот.
Откако ќе ја нанесете целата маска, подигнете ја косата и замотајте ја во мала пунџа. Ставете врз неа најлонска кеса и пешкир. Држете ја така 30 минути, а потоа тргнете го само пешкирот. Оставете ја косата во најлонската кеса уште 4 до 5 часа, па темелно исперете ја косата со топла вода. Доколку сакате повеќе да ја осветлите вашата коса, повторете го третманот неколку пати. Оваа маска особено ќе им помогне на оние со мрсна коса. Доколку имате сува коса, додајте и 1 лажичка маслиново масло во смесата.