Патување од 885.139 километри низ 117 земји за 26 години
Автор: Сара Пренк
Во 1988 година, парот Гунтер и Кристин Холторф тргнал на патување кое првично требало да трае само 18 месеци низ селата во Африка со нивниот Мерцедес G-Wagen кој го нарекле „Ото“. Планираните година и пол се претвориле во едно континуирано патување кое било прекинато само неколку пати низ целиот тој период. Без спонзорства, публицитет и социјални мрежи, парот патувал само затоа што сакал да патува, а целта била да го видат светот колку што можат. Кога доаѓало време за спиење „Ото“ бил секогаш тука, а убавите ноќи тие спиеле на лежалки заврзани за дрво. Бања им биле шишињата со вода врзани за „Ото“, а се хранеле готвејќи локална храна на нивниот малечок пренослив шпорет.
Гунтер и Кристин извозеле низ 6 континенти, од прекрасните песочни дини на Сахара, руралните села на Кенија, улиците на светлиот Париз, старите Будистички храмови, воените зони како Ирак, па сè до тешко достапната Северна Кореја.
Парот вистински го заменил модерниот живот со едно фасцинантно искуство кое вреди многу повеќе. Како што и самиот Гунтер вели:
„Колку повеќе патуваш, толку повеќе сфаќаш колку малку си видел. А колку повеќе гледаш и искусуваш толку повеќе сакаш да продолжиш да гледаш и искусуваш.“
Погледнете ја нивната авантура низ фотографии.
За жал Кристин починала во 2010-тата, оставајќи го Гунтер да продолжи да патува и за двајцата, носејќи ја со себе сликата на Кристин закачена на ретровизорот на „Ото“.
Неодамна 76-годишниот Гунтер го заврши своето патување враќајќи се дома во Берлин. Холторфовиот верен пријател „Ото“, кој ниеднаш не ги изневерил во текот на 26-годишното патување, ќе биде изложен во музејот на Мерцедес во Штутгарт.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.