10 причини зошто пријателите се многу важен дел од нашиот живот
Автор: Сања Петровска
Во свет во кој сè помалку се ценат вистинските вредности, неверојатно е тешко да најдеш вистински пријатели. Тие се составен дел на нашиот живот. Кога и да сме тажни, тие се нашето рамо за плачење. А кога сме среќни, тие се првите на кои им кажуваме зошто. Никој не може да живее сам и изолиран од светот. Затоа тука се пријателите. Секому е потребна личност со која ќе ги споделува тајните, која ќе го советува кога тоа му е потребно, личност која ќе биде тука дури и кога ни е само потребно да не бидеме сами. Тие се луѓето со кои можеме да бидеме луди, свои и слободни. Можат да нè искараат и да нè налутат, но без нив животот би ни бил досаден, монотон и осамен. Да, семејството секогаш доаѓа на прво место, но покрај нив, пријателите се нашата најголема поддршка.
Следниве неколку причини објаснуваат зошто пријателите се многу важен дел од сечиј живот.
1. За да се опуштиме и да уживаме
Со никого не сме поопуштени и послободни отколку со пријателите. Со нив можеме да ги правиме и најлудите работи, да се смееме на секакви зезанции и дури и најдосадните моменти да ги направиме забавни.
2. За да бидеме во својата комфорна зона
Со пријателите можеме секогаш да бидеме тоа што сме. Тие нè познаваат и, штом се сè уште тука, нè прифаќаат такви какви што сме. Прават да се чувствуваме убаво и опуштено, дури и во најтешките моменти.
3. За да добиеме искрено мислење
Вистинскиот пријател нема да нè излаже. Колку и неговото мислење да се коси со нашето, тој го кажува тоа што го мисли и чувствува за дадена ситуација. Дали се работи за некој проблем или едноставно ни е потребен совет, вистинскиот пријател ќе биде тука да нè посоветува. И без разлика на сè, да ни ја каже вистината. А тоа е реткост овие денови.
4. За да споделиме тајни и да бидеме некому лојални
Со пријателите споделуваме сè. Од наједноставните секојдневни случувања, до нашите најголеми тајни и проблеми. Секому му е потребна таква личност, некој кому ќе можеме да му кажеме сè без да се грижиме дека нашите зборови ќе бидат прекажани. Таквата личност нè прави посилни.
5. За да ни помогнат и да нè поддржат
Безусловна поддршка во секој момент. Секогаш се на наша страна, дури и кога ние самите не сме. Можеби имаме различни мислења, но секогаш можеме да се потпреме на нив, тие се секогаш тука за нас и се подготвени да ни помогнат во секој момент и во секое време.
6. Безусловно да нè сакаат и да се грижат за нас
Понекогаш ни е потребна само една прегратка. Не зборови, не совети, туку безусловна љубов од некој кој се грижи за нас. Некој кому му значиме. Некој кој е тажен кога сме ние тажни, кој е среќен кога сме ние среќни. А тоа се пријателите.
7. За да научиме животни лекции и да ги почитуваме меѓусебните разлики
Пријатели не се луѓе кои за сè мислат исто како нас, кои се согласуваат со нас постојано или кои се однесуваат како и ние во секоја ситуација. И тоа е позитивна работа. Секој треба да е своја личност. Покрај вистинските пријатели ќе научиме да ги почитуваме меѓусебните разлики, да се прифаќаме без разлика на нив и секогаш, да научиме нешто ново еден од друг.
8. За да ни понудат нова перспектива на работите
Една од попозитивните работи е токму оваа. Кога имаме некој проблем ние разговараме со нашите пријатели. Некогаш сме свесно или несвесно слепи за некои наши грешки, работи кои ги правиме, а не би требало или нешта кои ги кажуваме, а повредуваат некого. Тогаш на сцена настапуваат пријателите кои, бидејќи ни мислат добро и сакаат да сме среќни, ни даваат нова и свежа перспектива. Доколку станува збор за некоја расправија, ќе ни помогнат да го согледаме проблемот од страната на личноста со која се караме. Ако сме можеби разочарани од нешто, ќе ни кажат како тие гледаат на нештата. Нивниот збор знае да смени многу нешта.
9. Ни ја зголемуваат самодовербата и самопочитта
Секој се нашол во ситуација кога самодовербата му е на ниско ниво. Дали некој направил да се чувствуваме лошо или само сме имале лош ден, тие ќе нè расположат и ќе нè натрупаат со мал милион работи поради кои ќе се чувствуваме подобро. Способни се да не подигнат дури и кога не сакаме самите себе да се погледнеме во огледало.
10. За да созрееме индивидуално
Заедно, но сепак разделени. Секој со свој живот и на своја страна, но сепак заедно кога и да ни е најпотребно. Тие се фактор кој има огромно влијание врз нашиот живот, директно или индиректно. Добриот пријател го прави денот поубав. Да знаеш дека постои некој на кој можеш да се потпреш за сè и секогаш е непроценливо. А таквите личности те прават подобра и поуспешна личност.
Велат дека не знаеш кој ти се вистински пријатели сè додека не се искараш со нив. А ако успеете да го решите проблемот, тогаш пријателство ќе биде посилно од кога било. Тие те познаваат и те сакаат. Способни се да те расположат кога ти е најпотребно. Да те научат нешто кога се однесуваш како мало дете. Пријателите имаат неверојатно големо влијание на тоа каква личност си, а со самото тоа нивната улога во нечиј живот е непроценлива. Дали можеш воопшто да си замислиш како твојот живот би изгледал доколку ги немаш пријателите?
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.