„Veda Bebe“ создава нов свет на македонски детски песнички

Сподели

Во време кога најголемиот дел од детските содржини доаѓаат од странство, сè повеќе родители бараат квалитетни едукативни материјали на македонски јазик. Токму од таа потреба се роди „Veda Bebe“ – проект посветен на најмалите, кој преку весели песнички, шарени анимации и едукативни теми им помага на децата да учат, да се развиваат и да го збогатуваат својот речник на мајчин јазик. Разговаравме со креаторите на „Veda Bebe“ за инспирацијата зад проектот, процесот на создавање на песничките и плановите за иднината.

Реклама

Како се роди идејата за „Veda Bebe“ и што ве поттикна да создадете македонски едукативни песнички за најмалите?

Идејата за „Veda Bebe“ се роди од желбата да создадеме нешто вредно, убаво и корисно за најмалите деца. Како родители и луѓе кои секојдневно гледаат колку големо влијание има музиката врз детскиот развој, почувствувавме дека недостасува модерна, квалитетна и едукативна содржина на македонски јазик.

Реклама

Сакавме децата да учат преку песна, игра и визуелно интересни видеа, но во исто време тоа да биде на јазик кој им е близок, природен и важен за нивниот развој.

Зошто ви беше важно содржината да биде на македонски јазик, во време кога децата сè почесто гледаат видеа на странски јазици?

Денес децата многу лесно доаѓаат до содржини на англиски и други јазици, што само по себе не е лошо, но сметаме дека мајчиниот јазик треба да има посебно место во нивното растење. Преку македонски песнички, децата не само што се забавуваат, туку го збогатуваат речникот, учат правилен изговор и полесно ги разбираат поимите околу себе.

Реклама

Ни беше важно да создадеме содржина која родителите ќе ја пуштаат со доверба, знаејќи дека детето гледа нешто едукативно, позитивно и на мајчин јазик.

Како изгледа процесот на создавање една песничка – од идеја и текст, до музика, вокал и финално видео?

Секоја песничка започнува со идеја – најчесто тема која е блиска до децата, како животни, бои, броеви, секојдневни навики или нешто што може да ги научи на убави вредности. Потоа се работи на текстот, кој треба да биде едноставен, ритмичен и лесен за паметење.

Следува музиката, каде внимаваме мелодијата да биде весела, пријатна и лесно препознатлива. Потоа се снима вокалот, а на крај се изработува видеото со шарени, интересни и детски визуелни елементи. Целта е секој дел – текстот, музиката и видеото – да функционира заедно и да го задржи вниманието на детето. За прв пат во последната песничка во визуалниот приказ беше прикажана и реалната Веда и нејзините моменти од летниот одмор.

Што според вас треба да има една добра детска песничка за да биде и забавна и корисна за децата?

Добрата детска песничка треба да биде едноставна, весела и лесна за пеење, но во исто време да носи некаква порака или знаење. Децата најдобро учат кога се забавуваат, па затоа е важно песничката да има ритам, повторување и јасна тема.

Според нас, најважно е песничката да биде позитивна, безбедна за детската возраст и да поттикнува љубопитност, говор, движење или препознавање на светот околу нив.

Какви реакции добивте досега од родителите и децата, и дали некоја посебно ви остана во сеќавање?

Реакциите досега се навистина охрабрувачки. Родителите најчесто ни велат дека им е драго што конечно имаат македонска содржина која можат да им ја пуштат на своите деца, а децата брзо ги паметат мелодиите и почнуваат да ги повторуваат зборовите.

Посебно ни значат пораките од родители кои кажуваат дека нивното дете бара повторно да ја слуша песничката или дека преку неа научило нов збор, број, животно или некоја нова навика. Тоа е најголемата мотивација да продолжиме понатаму.

Што можеме да очекуваме следно од „Veda Bebe“ – нови песнички, нови теми или можеби проширување на проектот?

Следно од „Veda Bebe“ може да очекувате нови песнички, нови теми и уште повеќе содржини наменети за најмалите. Планот е проектот постепено да расте со различни едукативни песни – за броеви, бои, животни, семејство, навики, празници и секојдневни ситуации. Секоја среда во 18:00 часот на нашиот Јутјуб канал ќе се објавува нова песничка.

Нашата желба е „Veda Bebe“ да стане препознатливо македонско катче за деца и родители – место каде најмалите ќе се забавуваат, ќе учат и ќе растат со песна на македонски јазик. Во иднина доколку нашите очекувања бидат исполнети ќе имаме и многу изненадување за нашите најмали слушатели, merch на производи и слично.

 

Најново

Може ќе ве интересира