Пари – секс – пари
Имате финансиски проблеми и тешко врзувате крај со крај во последно време? Фатете си дечко, решение на сите проблеми! Има да заштедите на облека, храна, превоз и на уште триста чуда. Ете, нема причина за грижи! Море има, и тоа голема! Кога во магазин излезе текст од типот „Колку ќе заштедите ако си фатите момче“, треба да бидеме загрижени. Тоа е примерот по кој се раководат младите девојки, а очигледно многу од постарите веќе долго време си го почитуваат.
Веќе не е скриено, туку е на виделина, многу јасно е кажано кој што сака и на кого какви му се интересите. Картите се отворени, мажите сакаат убава, згодна девојка која ќе стои до нив како украс, статуетка, не мора да зборува, не мора да е паметна, треба само да е „добра риба“. На девојките им треба некој кој ќе ги издржува, ќе им купува облека и убави подароци од типот скап накит и ќе ги носи на одмори. И до кога вака?Како прво и основно, секоја современа, паметна и храбра девојка ќе биде навредена од текст каде некој „паметен“ ги направил потребните калкулации за тоа колку се заштедува со фаќање момче. Девојката на 21-от век е храбра, независна и способна сама да си го наполни плакарот.
За голем дел од луѓето така функционираат работите, на мажите им треба секс, на жените пари. Ок, нека им е со среќа со таков мозок, сè најдобро во животот. ТАА никогаш нема да биде независна, ќе биде „употребена“ поради надворешниот изглед, нема да се стреми кон тоа да направи нешто од себе, ќе биде среќна мислејќи дека е вредна до толку за да биде спонзорирана, сè додека не биде заменета со помлада, поубава, позгодна итн. ТОЈ никогаш нема да биде сакан вистински и искрено, никоја нема да го посакува поради тоа што е туку ќе го употребува поради тоа што го има.
Младите треба да се стремат кон нешто многу поразлично од тоа. Девојките треба да се образуваат, да се изградат себеси како храбри и самостојни личности, да можат сами да си платат за вечера, за штикли, за облека и накит. Момците треба да се стремат кон тоа да бидат вистински џентлмени, да се грижат за девојките, но не финансиски, туку поради она нешто што се вика љубов и почитување. Така треба да бидат воспитани и идните генерации. Зашто и надворешната убавина и парите се минливи работи, денес ги имаш, а утре се однесени со виорот, има нешто друго што останува вечно.
Подарете ù ружа, внимание и љубов, изненадете ја, но не стремете се кон материјалното, а вие девојки натерајте го да се вљуби во она што блеска од вас, вашата позитивна енергија и љубов кон животот.
Не дека материјалното треба да се потцени, на секого му требаат пари, но не смее работите да се сведуваат на шемата: момци – секс, девојки – пари. Нема да заштедите ништо со фаќање дечко, ако трагате по вистинските вредности ќе добиете многу, многу повеќе од материјалното.
Еве на пример денес, на вашата љубена направете ù кафе, со специјални состојки љубов и внимание.
До следното читање,
Вашата Ели.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
Супер текст. Се согласувам со секоја реченица што е напишана