Извадоци од писмата на Винсент ван Гог до неговиот брат Тео

Извадоци од писмата на Винсент ван Гог до неговиот брат Тео

Покрај бројните слики и скици, за животот на чудниот гениј Винсент Вилем ван Гог говорат и околу 900 писма, кои според историчарите на уметноста, ги напишал во периодот од 1872 до 1890 година. Најголемиот број, односно 600 од нив биле адресирани до неговиот брат Теодор, од кого ја добивал најголемата емоционална и финансиска поддршка. Му пишувал за очајот, бедата, сиромаштијата, лудилото, оптимизмот…

Прочитајте еден мал дел од пораките на уметничката легенда, извадени од писмата до Тео.

Извадоци од писмата на Винсент ван Гог до неговиот брат Тео

 

„Сликањето е како да имате лоша љубовница, која троши, троши и никогаш не ѝ е доволно…“

„Совеста е човековиот компас. Иако, иглата понекогаш отстапува и често има неправилности во насочувањето на курсот, сепак мора да се обидеме да го следиме.“

„Човек може да носи голем оган во душата, а никој да не може да се стопли од него. Минувачите не гледаат ништо, освен малку чад што излегува од оџакот и секој заминува по својот пат. Што да се прави тогаш? Да го одржуваш ли огнот во душата, да ја носиш ли солта на земјата со себе, трпеливо, но и со какво нетрпение!? Да чекаш, да го чекаш часот кога некој ќе дојде, ќе застане покрај тебе и ќе остане. Знам ли? Се надевам дека секој што верува, ќе го дочека тој час…“

„Природата секогаш започнува со пружање отпор кон уметникот, но тој што сериозно ја сфаќа, нема да биде обесхрабрен.“

„Знам и сигурен сум дека имам инстинкт за боја и дека тој сè повеќе и подлабоко ќе навлезе во сржта на моите коски.“

Извадоци од писмата на Винсент ван Гог до неговиот брат Тео

 

„Имам чувство дека историјата на луѓето е како историјата на житото. Ако не те посадат во земјата за да изртиш, ќе те сомелат за да станеш леб.“

„Задоволен сум до некој степен, што не сум учел сликарство. Тогаш можеби ќе научев да ги одминувам ефектите, а сега си велам, токму тоа ми треба. Ако не може – значи не може, но сепак ќе се обидам, макар и да не знам како да го направам тоа. Како цртам, ни сам не знам. Седнувам со белата табла на некое место што ме освојува, го набљудувам тоа што е пред моите очи и си велам, од оваа бела табла треба да излезе нешто. Потоа се враќам незадоволен дома, ја фрлам таблата настрана и откако ќе одморам малку, пак ја земам и ја набљудувам со некаков страв. И повторно се јавува незадоволство, затоа што чудната природа е сè уште премногу жива во мојата меморија за да можам да бидам задоволен, но сепак, гледам во својата работа некаков одраз од тоа што ме освоило, гледам дека природата ми проговорила, ми кажала нешто и јас сум го стенографирал тоа.“

„Човекот мора да научи да чита, исто како што мора да научи да гледа и да живее.“

„Не можам да престанам за мислам дека најдобриот начин да го запознаеш Бога е да сакаш многу работи. Сакај го овој пријател, оваа личност, овој предмет… и ќе бидеш на правиот пат да го разбереш подобро.“

„Луѓето се често неспособни да направат било што, заробени се во не знам каков вид на ужасен, ужасен, о колку ужасен кафез.“

Извадоци од писмата на Винсент ван Гог до неговиот брат Тео

 

„Да научиме да страдаме, без да се жалиме, да научиме да гледаме на болката без одбивност. Токму од тоа човек ризикува да му се сврти во главата. И, сепак, понекогаш не обзема смртно претчувство дека можеби на другата страна на животот ќе најдеме доволно оправдувања за постоењето на болката, која гледана оттука, понекогаш го пополнува хоризонтот и расте до размери на безнадежен потоп. За сето тоа знаеме многу малку и затоа подобро да гледаме некоја ливада со жито, дури и таа да е само на слика.“

„За животот знаеме толку малку, што дури и не ни прилега да судиме што е добро, а што лошо, праведно или неправедно. Да зборуваме дека човек е несреќен,  бидејќи страда, е исто како да тврдиме нешто сè уште е недокажано. Така да прифатете ги работите такви, какви што се, чекајте со надеж и вооружете ја својата душа со долго трпение и добра волја, како што вели една многу стара поговорка. Оставете природата да го стори своето.“

„Платното има идиотски поглед, ги хипнотизира уметниците толку многу што и тие самите се претвораат во идиоти.“

„Самиот живот, исто така, е вечно кружење и бескрајна празнина, депримирачка празна страна на која ништо не се појавува, исто како и празното платно. Но, без разлика колку е празно и залудно, и колку „мртов“ може да биде животот, оној што има верба, енергија, топлина, оној кој знае нешто, нема да се откаже толку лесно.“

„Сликарите ја разбираат природата, ја сакаат и нè учат како да го видиме тоа.“

Извадоци од писмата на Винсент ван Гог до неговиот брат Тео

 

„Постојат два начини на размислување за сликарството, како да не се направи и како да се направи. Како да се направи со многу цртање и со малку боја и како да не се направи со многу боја и со малку цртање.“

„Ако некој сака да биде активен, не смее да се плаши дека ќе згреши, не смее да се плаши да направи грешка понекогаш. Многу луѓе мислат дека ќе станат подобри единствено и само ако не направат никакво зло, но тоа е лага. На тој начин ќе бидат во стагнација, во медиокритизам.“

„Причината зошто немам постојана работа и зошто со години сум немал постојана работа, е доста едноставна. Моите идеи се разликуваат од оние на господата. Тие ја даваат работата на поединци кои го делат нивното мислење. Нивниот прекор не се должи на мојот изглед. Причините се многу подлабоки, ве уверувам.“

„Продолжи понатаму, продолжи што и да се случи. Но, запрашај се која е твојата крајна цел. Таа цел ќе стане појасна, ќе се оствари полека, но сигурно, како што цртежите се претвораат во скици, а скиците во цртежи, преку сериозна работа и разработка на оригиналната нејасна идеја и преку консолидација на првата краткотрајна и минлива мисла.“

„Јас не сум му пријател на денешното христијанство, иако неговиот основач беше возвишен.“

Извадоци од писмата на Винсент ван Гог до неговиот брат Тео

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Минималист ;)

Поврзани содржини

Остави коментар