Како до високи резултати на испитите?
Голем број од студентите го одложуваат учењето до самиот крај и ден-два пред испитот воопшто не спијат само за да можат целосно да се подготват. Овој вид „кампањско учење“ можеби успеваше да донесе високи оценки во средно, но кога се работи за висок успех на факултет, работите не се баш така едноставни. Точно е дека има шанси да го положите предметот со малку учење и повеќе среќа, но некогаш шестката не е доволна. Еве еден краток водич на организација на вашето учење една недела пред полагање, кој доколку целосно го почитувате ќе ви донесе високи резултати на испитите.
Една недела пред испитот
Соберете ги сите материјали за учење – Разгледајте ги книгите, скриптите и забелешките од предавањата и проверете дали нешто ви недостасува. Потсетете се дали сте пропуштиле некое предавање или можеби сте го „преспале“ бидејќи сте дошле директно од излегување, и доколку ви се случило тоа распрашајте се која тема се обработувала тогаш и на што да обрнете повеќе внимание за време на учењето.
Разменете ги забелешките со други студенти – Откако ќе завршите со собирањето на целиот материјал за учење, советувајте се со некои од колегите за да се осигурате дали имате сè што е потребно. Разменете ги и белешките меѓу себе, бидејќи тоа што било кажано за време на предавањето, најчесто најмногу се бара на испитот.
Подгответе мини тест – Откако ќе го имате пред себе целиот материјал за учење, составете си краток тест кој ќе ви послужи за проверка на вашето досегашно знаење. Откако ќе го завршите, отприлика ќе знаете на кои делови повеќе да се сконцентрирате за време на учењето.
Консултирајте се со професорот/асистентот за сè што не ви е јасно – По откривањето на вашите слабости, откријте како можете да ги поправите. Дали ви е потребно повеќе време за учење или се работи за нешто што воопшто не го сфаќате? Ако не можете да се снајдете за некој дел, побарајте го професорот/асистентот за време на неговиот термин за консултации. Не само што убаво ќе ви објасни за што станува збор, туку и ќе го цени вашиот интерес за неговиот предмет кога ќе дојде време за пишување на оценката.
Денот пред испитот
Исклучете се од сè што ви го одвлекува вниманието – Одлогирајте се од Фејсбук. Исклучете го вашиот мобилен. Известете ги пријателите дека нема да бидете достапни до завршувањето на испитот. Време е сериозно да се посветите на утрешното полагање.
Повторете го целиот материјал за учење – Постојат некои делови од материјалот кои едноставно ги знаете. Без некоја посебна причина тие се „заглавуваат“ во вашиот ум веднаш по првото читање. Не трошете време повторувајќи ги нив…
Сконцентрирајте се на деловите со кои сте имале тешкотии – Повторувајте ги сè додека целосно не ги запомните. Не грижете се ако за некој дел ви е потребно повеќе време, само потрудете се да го научите подобро. Ова многу ќе ви се исплати кога ќе се сетите на одговорот на прашањето од тој дел без притоа да добиете напад на паника.
Спијте! – И покрај напорната работа цела недела, учењето целосно ќе ви пропадне ако не можете да ги држите очите отворени за време на испитот. Затоа не пробувајте да учите цела вечер, подобро е да станете порано и целосно да го искористите денот пред полагањето.
Утрото пред испитот
Облечете нешто удобно – Погрижете се да бидете удобно облечени, но не премногу за да не почне да ви се спие за време на испитот.
Не учете ништо ново – Ако знаете – знаете… Но, ако нешто не сте совладале во текот на неделата, нема да успеете ни во наредните неколку часови. Пробајте да се релаксирате малку, доручкувајте нешто лесно и ако ви оди тешко расонувањето, напијте се кафе.
Пристигнете порано на факултет – Никогаш не доцнете на испит. Големи се шансите да не ви дозволат да полагате за да не ги деконцентрирате останатите со вашата ненадејна појава. Но и да ви дозволат, веќе сте изгубиле драгоцено време за пополнување на тестот и може да не успеете да го завршите до крај.
Земете воздух длабоко – Опуштете се. Бидете смирени. Сè ќе биде во ред. Тоа е само еден обичен тест. Ако го паднете, не е ништо страшно, ќе имате нова шанса за неколку месеци. Не дозволувајте мислата за паѓање да ви биде извор на стрес. Пополнете го тестот најдобро што знаете и не заборавајте да се сетите дека за кратко време сè ќе заврши и ќе го имате остатокот од денот само за вас.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.