Говорот на очите
Низ целата историја преокупирани сме со очите и со нивниот ефект врз човековото однесување. Постојано се употребуваат фрази како „му фрли око“, „има големи кучешки очи“, „превртува очи“, „го има тој сјај во очите“ или пак „лошо ме погледна“. Во својата книга “Окото што раскажува приказна“, Хес вели дека очите можат да дадат најточен и најпрецизен сигнал за луѓето, зашто тие се фокалната точка на телото и зашто зениците работат независно.
Во различни ситуации, нашите зеници се прошируваат или стеснуваат зависно од промената на расположението или ставот кон личноста со која разговараме. Понекогаш кога некој е восхитен или фасциниран од одредена личност, зениците можат да се прошират и до четири пати од нивната нормална големина. Спротивно на ова, кога некој е стресно или негативно расположен се случува собирање на зениците познато како „змиски очи“. Многу често, движењето на очите се користи и како трик за додворување. Девојките дури и се шминкаат за да ги истакнат повеќе. Постојат неколку техники кои можат да ви помогнат при вашите секојдневни комуникациски способности:
Бизнис поглед
Кога се разговара за сериозна работа или некој бизнис проект, погледот не смее никако да ви падне под очите на соговорникот. Најдобро е да си замислите круг околу веѓите на соговорникот и да пробувате да го одржувате вашиот поглед во таа област. Тоа придонесува до создавање сериозна атмосфера и вашиот соговорникот ќе знае дека сте посветени и целосно заинтересирани за работата.
Социјален поглед
При спуштање на погледот под линијата на очите на соговорникот се создава подруштвена атмосфера. Истражувањата покажале дека со пријателите погледот најмногу се задржува во областа под очите и над устата. Доколку во текот на разговорот гледате во оваа област, соговорникот ве прифаќа поопуштено и послободно се однесува со вас.
Интимен поглед
Директниот поглед во устата додека соговорникот зборува, е најголемиот показател дека меѓу вас постои нешто повеќе од пријателство. Доколку вашиот поглед е насочен во таа област, соговорникот несвесно го забележува тоа и пробува преку разговорот индиректно да ви се додворува за да го задржи вашето внимание. Оние кои се заинтересирани за вас, почнуваат да ве „анализираат“ со тоа што го спуштаат погледот надоле, почнувајќи од очите, па сè до вашите стапала, а при тоа дискретно се смешкаат.
Страничен краток поглед
Овој поглед има две значења. Во комбинација со малку подигнати веѓи и насмевка значи интерес и е чест сигнал при додворување. Но, доколку веѓите се насочени надоле или пак се во комбинација со надолу свртени агли на усните, сигнализира сомнеж, непријателство или критички став.
Гест „блокирање на очите“
Овој гест се појавува несвесно и во ситуација само кога вашиот соговорник воопшто не е заинтересиран за вас и сака што побрзо да го заврши разговорот поради тоа што сте му здодевни. Нормалното трепкање е околу шест до осум пати во минута, но во овој случај при трепнување очните капаци на соговорникот остануваат подолго време затворени што симболизира „спиење“ поради здодевноста. Доколку соговорникот смета дека е посупериорен од вас, овој гест е комбиниран со глава наведната наназад. Ако се најдете во ваква ситуација веднаш сменете ја темата на разговор.
Стара поговорка на оваа тема вели: „Кога разговарате со некого, погледнете му во очите и доколку сакате да ги дознаете неговите чувства, задржете го погледот на зениците на соговорникот – тие ќе ви кажат сè што сакате да знаете.“
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.