Кон крајот на ноември, плоштадите низ Европа се полнат со дрвени куќички, светла и мирис на топло вино и цимет. Почнува сезоната на божиќните пазари.
Ако размислувате за краток декемвриски одмор, ова се некои од градовите што вреди да ги посетите.
Виена, Австрија
Пазарот пред Градското собрание е еден од најпознатите во Европа. Огромните светла, лизгалиштето и стотиците штандови го прават центарот на Виена вистинска зимска бајка. Освен него, низ градот има уште десетина помали пазари.
Нирнберг, Германија
Нирнбершкиот пазар е еден од најстарите и најпознатите во Германија. Тука се пробуваат прочуените медени колачи и малите нирнбершки колбасички.
Стразбур, Франција
Стразбур себеси се нарекува „престолнина на Божиќ“. Неговиот пазар постои уште од 16 век и е еден од најстарите во Европа, а целиот стар дел од градот е украсен со светла.
Загреб, Хрватска
Адвентот во Загреб неколку години по ред е прогласуван за најдобар божиќен пазар во Европа на гласањето на порталот „European Best Destinations“. Предноста е што е близу и е поевтин од пазарите на запад.
Будимпешта, Унгарија
На плоштадот Верешмарти и пред базиликата „Свети Стефан“ се одржуваат пазари со светлосни шоуа на фасадата и традиционални унгарски јадења.
Совет за патување
Најмногу гужва има за викендите. Ако можете, одете во текот на неделата, а сместувањето резервирајте навреме – во декември цените брзо растат.






