Escape room во кутија, на македонски: Како „Тајната соба на Худини“ од 25.000 деца низ светот стигна до нашите маси

Сподели

Замислете еден час во кој целото друштво е наведнато над иста маса: децата отвораат пликови со натпис „Предизвик“, си ги додаваат загатките од рака на рака, цртаат низ лавиринт и гледаат во тајмер што неумоливо отчукува. Тоа е „Тајната соба на Худини“ – првата escape room игра во кутија на македонски јазик.

Реклама
Реклама

Зад неа стојат луѓето од Escape Room Geeks, бренд кој од 2020 година создава escape room игри за целиот свет. Нивната игра за Худини досега ја играле повеќе од 25.000 деца, а сега за првпат доаѓа во физичка кутија, целосно изработена во Македонија и наменета за деца над 9 години. Разговаравме со нив за тоа како се роди идејата, зошто токму Худини и што се случува кога децата ќе ја отворат кутијата.

Реклама
Реклама
Апликацијата со тајмер го води тимот низ трите предизвици

Од игри за печатење до кутија што само се отвора

Како ви дојде идејата да направите escape room игра во кутија, и тоа прва на македонски?

Уште од 2020 година постоиме како бренд под името Escape Room Geeks, преку кој на нашиот веб-сајт escaperoomgeeks.com продаваме escape room игри во дигитален формат – игри што купувачите сами ги печатат и ги подготвуваат за играње. Денес имаме 13 различни игри, а „Тајната соба на Худини“ е всушност нашата прва игра и воедно убедливо најпродаваната. Затоа изборот која игра прва да ја донесеме на македонски јазик беше прилично лесен.

Реклама
Реклама

Уште од почетокот знаевме дека сакаме нашите игри да бидат достапни и за децата во Македонија. Колку што ни е познато, кај нас досега немало ваков тип escape room игра на македонски јазик, а и концептот „print and play“ сè уште не е доволно развиен кај нас. Затоа решивме да одиме чекор понатаму: наместо само да ја преведеме, играта ја адаптиравме во физичка верзија во кутија, во која се наоѓа сè што е потребно. Без печатење, без дополнителни подготовки – ја отворате кутијата и авантурата започнува.

Имаше ли конкретен момент кога си рековте „ова мора да го направиме“?

Идејата за игра во кутија ја имаме уште од самите почетоци во 2020 година. Тоа беше еден од оние проекти што постојано ни стоеја на листата на желби, но никогаш не доаѓаше вистинскиот момент. Најголемиот дел од времето го вложувавме во нови игри за меѓународниот пазар, па физичката верзија постојано ја одложувавме. Кога конечно создадовме малку простор, решивме дека е време. И искрено, ни беше особено драго што првата игра во кутија ќе биде токму на македонски јазик.

Зошто токму Худини

Зошто го избравте Худини за главен лик?

Хари Худини е една од најпознатите личности во историјата на илузионизмот и уметноста на ослободувањето од навидум невозможни ситуации. Неговиот живот, настапите и мистеријата што го опкружува се одлична основа за escape room приказна. Ни се допадна идејата играчите да мора да размислуваат како Худини – да откриваат скриени траги и да решаваат предизвици што на прв поглед изгледаат нерешливи. А бидејќи многумина го слушнале неговото име, уште пред да ја отворат кутијата играчите веќе имаат претстава за мистериозниот свет во кој влегуваат.

Како се роди приказната за неговата тајна соба?

Сакавме играчите да не бидат само набљудувачи, туку да имаат чувство дека се дел од мистеријата. Така се роди тајната соба на Худини – место во кое славниот илузионист оставил серија загатки, скриени пораки и предизвици што можат да ги надминат само оние кои размислуваат надвор од вообичаените рамки.

Играта е изградена околу три последователни предизвици. Со решавањето на секој од нив, играчите откриваат код што го отклучува следниот дел од мистеријата. Ни беше важно загатките да не бидат само задачи, туку да се поврзани со приказната, така што со секое ново откритие сте чекор поблиску до тајната на Худини.

Загатките се поврзани со приказната – секое решение носи код за следниот предизвик

Помалку од шест месеци до готовата кутија

Колку време ви требаше од првата идеја до готовата кутија и кој дел беше најтежок?

Имавме голема предност, бидејќи „Тајната соба на Худини“ веќе неколку години постои на англиски јазик и досега ја играле повеќе од 25.000 деца низ светот. Тоа беше одлична потврда дека концептот функционира. Затоа не започнавме од нула – приказната и загатките веќе беа развиени и тестирани. Најголемиот предизвик беше адаптацијата во физички производ: да го задржиме истото искуство, а сите материјали да бидат соодветно подготвени и спакувани во кутија.

Целокупното производство, вклучувајќи го печатењето на материјалите и изработката на кутијата, го реализиравме во Македонија. Од моментот кога активно започнавме со адаптацијата до готовиот производ поминаа помалку од шест месеци, иако паралелно работевме и на други проекти.

Има ли загатка што ја менувавте повеќе пати или што никој од тестирачите не успеа да ја реши?

За среќа, немавме таква ситуација. Бидејќи играта подолго време се игра на меѓународниот пазар, зад нас имавме многу тестирања и повратни информации. Дополнителните тестирања за кутијата донесоа главно помали корекции во деталите. За нас е многу важно играта да биде предизвикувачка, но не и фрустрирачка – играчите да размислуваат, да експериментираат и понекогаш да се заглават, но на крајот да го почувствуваат она прекрасно задоволство кога самите ќе дојдат до решението.

Децата што забораваат на екраните

Која реакција од играчите најмногу ви остана во сеќавање?

Тешко е да издвоиме само една, бидејќи низ годините сме добиле навистина многу прекрасни коментари. Но најубавото чувство е кога гледаме деца целосно внесени во играта – како размислуваат, дискутираат, предлагаат решенија и заедно се обидуваат да ја разоткријат мистеријата. Особено ни е драго да видиме колку се возбудени кога конечно ќе решат некоја загатка.

Можеби најголемата награда ни се пораките од родителите кои пишуваат дека децата одлично се забавувале, дека играле заедно како семејство и дека целосно заборавиле на телефоните и екраните. Тоа е и една од главните причини зошто воопшто започнавме – да понудиме поинаков вид забава, која поттикнува креативност, логичко размислување и тимска работа.

На крајот на играта тимот добива диплома со своите имиња

Што следува по Худини

Што следува – нова приказна, нова кутија, можеби игра за возрасни?

Во моментов немаме конкретен план за следна игра во кутија, но дефинитивно постои можност. Имаме голем каталог на игри, од кои повеќе би можеле одлично да функционираат и во физички формат – за различни возрасти, вклучувајќи и посложени авантури наменети за возрасни.

Во изминатиот период најголем дел од вниманието ни беше насочено кон еден сосема поинаков и многу амбициозен проект – нашата прва целосно дигитална escape room игра, Operation Warp, која неодамна ја лансиравме преку новиот бренд ClueHall. Станува збор за кинематографско онлајн escape room искуство, со сосема нов пристап кон приказната и загатките. Идеи не ни недостасуваат, и се надеваме дека „Тајната соба на Худини“ е само почеток на нашата приказна со игри во кутија на македонскиот пазар.

И вашиот совет за оние што ќе ја играат за прв пат?

Децата треба целосно да влезат во светот на Худини. Да не ја гледаат играта само како низа загатки, туку да замислат дека навистина се во неговата тајна соба, каде што секој предмет може да крие нешто важно и од нив зависи дали мистеријата ќе биде разоткриена. Нека размислуваат заедно, нека споделуваат идеи и нека не се плашат да пробаат нешто невообичаено – понекогаш токму најнеочекуваната идеја води до решението.

И најважно од сè – да не брзаат. Барем за тој еден час да заборават на екраните и секојдневието и да се почувствуваат како вистински истражувачи.

Можеби токму тоа е најголемата магија на Худини денес: не во тоа како тој бегал од заклучени соби, туку во тоа што неговата приказна успева, макар и за еден час, да ги собере децата околу иста маса.

„Тајната соба на Худини“ е наменета за деца над 9 години. Повеќе информации и нарачки на houdini.mk.

Најново

Може ќе ве интересира