Младата пејачка Јана Спирковска ја претставува својата најнова авторска песна „100 бакнежи“, со која носи свежа енергија и еден поинаков музички израз од она што публиката досега имала можност да го слушне од неа.

Јана има 25 години и е родена во Скопје. Нејзината љубов кон музиката се појавува уште од најрана возраст, а со текот на годините таа прераснува во вистинска страст и желба за создавање, настапување и градење сопствен музички израз.
Зад себе има бројни настапи на настани од различен карактер, а денес активно настапува и со Public Band, со кој публиката може да ја слушне во повеќе локали во Скопје, но и низ другите градови во Македонија. Токму настапите во живо и можноста својата енергија да ја сподели со публиката се она што најмногу ја исполнува.
Еден од најзначајните моменти во нејзината досегашна музичка кариера е настапот на фестивалот „Макфест“, каде што ја претстави својата авторска песна „Дел од себе“. Во нејзиниот музички репертоар досега се вбројуваат и песните „Сè е возможно“, „Обала“, „Своја или ничија“, како и други авторски проекти.
Со „100 бакнежи“, Јана прикажува една поинаква и посмела страна од себе. Станува збор за поп-песна со побрз и модерен ритам, флертувачка енергија и доза на провокативност.

На музичкиот дел од песната Јана повторно соработува со Андреј Ник, со кого работеше и на својот претходен проект, додека текстот е дело на Андреј Попо, со кого исто така има остварено претходна соработка.
Посебно внимание е посветено и на видеозаписот, кој визуелно ја следи сензуалната и динамична атмосфера на песната. Режијата и директорот на фотографија ги потпишува Steady Flow, додека креативната режија е заедничка на Steady Flow и Јана Спирковска. Спотот е снимен во студиото Solution Plus, а во реализацијата и подготовката на сцените учествувале и блиски пријатели на Јана.

За комплетниот визуелен изглед на пејачката се погрижи внимателно избран тим. Облеката е дело на Atelier Blazevski, со кого Јана има континуирана соработка, шминката ја изработи Александра Јовановска – Alex Makeup (alexglamx), додека за фризурата беше задолжен Александар од LA Hair Studio.

Зад видеозаписот стои и поширок продукциски тим. Како оператор на кран се потпишува Дуле Јанев, прв асистент на камера е Кристијан Миливојевиќ, а фотографијата од снимањето е на Кристијан Крајчески. Монтажата е на Steady Flow и Nic, колор корекцијата на Steady Flow, додека графиките се изработени од Nic. За снимањето на материјалите зад сцената беше задолжен Кристијан Миливојевиќ.
Во реализацијата на проектот значајна поддршка дадоа и спонзорите градежна компанија-Adra,Ferty Clinic и Atelier Blazevski, на кои Јана им упатува посебна благодарност, како и на целиот тим и пријателите кои помогнаа идејата за „100 бакнежи“ да ја добие својата конечна форма.
Со новиот сингл, Јана Спирковска продолжува да го гради својот авторски музички пат, овојпат преку позрел, посмел и поразигран поп-звук. „100 бакнежи“ е песна за привлечноста, хемијата и оние моменти кога еден поглед е доволен за да започне цела приказна.


