Грчките власти најавуваат мерки за намалување на гужвите и забрзување на протокот на патници на копнените гранични премини, особено во периодот на засилен летен сообраќај.
Причина за дополнителните задржувања е и примената на новиот систем за влез и излез, кој предвидува биометриска регистрација за државјани од трети земји.
За ова говореше заменик-министерот за внатрешни работи на Грција, задолжен за регионите Македонија и Тракија, Константинос Гиулекас, кој на туристичка конференција посочи дека се разгледуваат привремени решенија за олеснување на преминувањето на границите, јави МИА.
Една од мерките е поставување модуларни контролни пунктови на граничниот премин Евзони, каде една сообраќајна лента ќе може да функционира како две. Целта е да се намали времето на чекање и да се овозможи побрз проток на возила и патници.
Гиулекас најави и активности за модернизација на инфраструктурата на преминот, кои ќе се реализираат фазно.
Во однос на биометриската регистрација, тој посочи дека европската регулатива дозволува привремено и делумно суспендирање на системот во периоди на зголемен сообраќај, додавајќи дека таква практика веќе се применува.


